Украинската православна црква се одвои од Руската

Вселенскиот патријарх Вартоломеј во саботата во Истанбул потпиша указ со кој и официјално Украинската православна црква се отцепи од Руската црква. Со тоа е ставен крај на црковната унија што датираше од 1686 година.

Во неделата во патријархалната црква „Св.Ѓорѓи“ во Истанбул се одржа и миса што ја водеa екуменскиот патријарх од Константинопол и лидерот на новата Украинска православна црква, Епифаниј. На мисата беше присутен и претседателот на Украина, Петро Порошенко.

Минатиот месец украинските православни црковни лидери се согласија на формирање нова, обединета црква, што ќе биде независна од Руската патријаршија. Како лидер на новата црква е избран 39-годишниот митрополит Епифаниј.

Со оваа поделба, свештенството е ставено во ситуација да избере страна, додека на истокот од Украина и натаму има судири меѓу владините сили од Киев и руските бунтовници.