Јапонија планира да купи американско оружје за 240 милијарди долари

Јапонија планира да ја модернизира својата армија со американски невидливи борбени авиони, носачи за хеликоптери, ракетни системи, како и со единици специјализирани за одбрана од вселенски закани.

Се работи за петгодишен план што треба да чини 242 милијарди долари, а чија цел е да ја одбрани земјата од потенцијални закани од Кина и од Северна Кореја. Кабинетот на премиерот Шинзо Абе дал зелено светло за реализација на набавките.

Според планираното одбранбените сили на Јапонија ќе се опремат со 42 американски борбени авиони Ф-35Б со т.н. стелт технологија, а кои имаат способност и за вертикални слетувања. Два носачи на хеликоптери ќе бидат модулирани и опремени за да служат за полетување на тие авиони.

Во набавката се планира да влезат и 105 борбени авиони од моделот Ф-35А, коишто имаат класично полетување и слетување.

Со новата одбранбена политика, се планира купување и на два американски ракетни одбранбени системи, како и создавање единици што ќе бидат специјализирани за одбрана од закани од вселената и за водење кибернетички војни.

Објавата на планот доаѓа после бројни критики упатени од претседателот на САД, Доналд Трамп за слабата застапеност на американски производи на јапонскиот пазар.