Специјалното јавно обвинителство отвори шест нови истраги

Осомничени се дел од поранешеното раководство на ВМРО - ДПМНЕ а истрагите се однесуваат на финансиски криминал тежок десетици милиони евра и злоупотреба на слубената положба.Меѓу осомничените се вицепремиерот Бујар Османи и поранешниот министер Зоран Ставревски

СКОПЈЕ - „ Подарок“, „Пропаганда“, „ Дизајн“, „Хармонија“, „Пациент“ и „Базни Станици“ се шесте нови истраги кои ги отвори обвинителството. Станува збор за финансиски криминал и злоупотреби во кои е нанесена штета на Буџетот од над 80 милиони евра.

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отстапи од својата пракса истрагите да почнуваат на буквата „Т“ но и од праксата за пресумпција на невиност и за прв пат во објавените истраги осомничените не се заштитени со иницијали туку се објавени нивните целосни имињата и презимиња.

Во истрагата „Подарок“, осомничени се поранешните министри Зоран Ставревски и Миле Јанакиески, како и директорот на „ Македонски енергетски ресурси“ ( МЕР), Крсте Миладинов. Според СЈО, тие со умисла ја искористиле службената положба и овластување и на руската компанија „Стројтрансгас“ од Москва и овозможиле да добие околу 33 милиони евра на штета на Буџетот на РМ.

Истрагата „Пропаганда“ се однесува на фаворизирање на медиуми од страна на Владата но и нивно превземање под фиктивна сопственост. Осомничени се девет лица -Никола Груевски, Кирил Божиновски, Ацо Мисајлоски, Емил Парнаџиски, Владислав Стајковиќ, Саше Стојановски, Елена Колишевска, Марјан Цветковски и Захарија Вулгаракис кои се товарат и за злосторничко здруѓување.

„За оваа цел во периодот од 2010 до 2015 година од Буџетот на РМ биле исплатени 30 милиони евра, од кои најголем процент завршиле кај радиодифузерите кои што ја поддржувале политиката и активностите на ВМРО-ДПМНЕ“, стои во официјалното соопштение на СЈО.

Оттаму додаваат дека за сума од 5,2 милиони евра биле купени седум телевизиски и една радио станица а уредувачката политика била креирана директно од партијата.

Истрагата „Дизајн“ се однесува на набавката на двокатните кинески автобуси. Осомничени се четири лица, Миле Јанакиески, Снежана Филиповска - Павлеска,Јулијана Јанкуловска - Атанасова и актуелниот потпретседател на ВМРО - ДПМНЕ, Игор Јанушев кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување.
Четворицата ја фаворизирале кинеската компанија „Јутонг“ и покрај битните пропусти во понудата и фактот што конкурентот дал 5 милиони евра пониска цена, тендерот за набавка на автобусите го доделиле на кинеската компанија.

Во истрагата „Хармонија“ се осомничени Никола Груевски, Миле Јанакиевскии Стевчо Јакимовски кои се товарат за злоупотреба на службената положба. Тие во 2012 година, на странска образовна институција и овозможиле да купи државно земјиште по цена од 71 денар за квадратен метар намесно предвидените 1.400 денари а потоа издејствувале попуст од 50 отсто за комуналиите со што Буџетот на РМ и на град Скопје и општина Карпош се оштетени за вкупно 645 илјади евра.

Во истрагата „Базни станици“ осомничен е поранениот извршен директор во „Т-Мобиле“, Жарко Луковски. Тој ја злоупотребил својата положба како директор и му овозмоѓил на градеѓното претпријатие „Бетон“ да профитира за 3,5 милиони евра на шетета на акционерите на „ Т-Мобиле“ меѓу кои е и државата.

Последната истрага - „Пациент“ е најобемна бидејќи во неа се опфатени 15 лица меѓу кои и тогашниот министер за здравство а сегашен вицепремиер Бујар Османи. Станува збор за тендери за градежни работи во повеќе здравствени установи низ државата а материјалната штета е проценета на околу два и пол милиони евра.