СКОПЈЕ -Со огромно мнозинство „за“ но далеку од потребниот број на излезени гласачи за да се исполни цензусот заврши референдумот на кој граѓаните во Македонија гласаа на прашањето„ Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“.
Според првичните и неофицијални резултати на Државната изборна комисија ( ДИК), по обработени 98 отсто податоци од гласачкиот материјал, односно 3.451 од вкупно 3.513 избирчаки места, на референдумот правото на глас го искористиле 658.124 илјади гласачи или 36,84 отсто. Од нив дури 91,49 отсто или 602.132 гласале „ за“, а само 5,63 отсто или37.068 гласале против. Околу 18 илјади гласачки ливчиња биле неважечки. Конечните резултати ДИК најави дека ќе ги соопшти во текот на денот.
Според законските прописи, за успешен референдум беше потребно на гласање да излезат половина од лицата запишани на Избирачкиот список односно од 1.806.336 гласачи своето право да го искористат 903.169 граѓани.
Ова го потенцираше и претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, избран од редовите на опозицијата.
„Член 30, став 1 во Законот за референдум вели дека одлуките на референдум се сметаат за усвоени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број граѓани кои гласале доколу гласале повеќе од половината од вкупниот број гласачи запишани во Избирачкиот список, освен во случаите кога за одделни прашања со Уставот и со овој Закон поинаку не е утврдено. Што значи согласно овој член потребно е исполнување на двата кумулативни услови за да се донесе одлука на референдумот. Во овој случај, по пребројани 867 отсто од резултатите трендот кој што го имаме на процентот на излезеност јасно е дека еден од условите нема да биде исполнет, односно на референдумот не е донесена одлука“, изјави Деркоски, на последната прес конференција одржана нешто по 22 часот.
Соработка за уставните измени или предвремени избори
Премиерот Зоран Заев одржа две прес конференции на кои им се заблагодари на граѓаните кои излегоа да гласаат и порача дека ќе оди со Договорот со Грција до крај, преку Собранието или преку предвремени избори доколу опозицијата одбие да соработува. Обраќајки се кон опозицијата кажа дека на сите им е јасно дека подобар Договор не може да има.Тој нагласи дека станува збор за иднината на државата и за национални интереси и дека тоа е натпартиска работа.
„ Ова е прилика да им се заблагодарам на сите граѓани што гласаа поединечно, и на тие што гласаа „за“ и на тие што гласаа „против“, бидејќи тие презедоа одговорност. Од граѓаните кои гласаа, повеќе од 90% избраа „за“и порачаа дека Македонија треба да го прифати договорот со Грција и да стане членка на НАТО и ЕУ. Знам јас, знае и опозицијата, подобар договор со Република Грција нема и не може да има. Алтернатива за членството во НАТО и ЕУ за Македонија нема, и не може да има. Да ги ставиме националните интереси, интересите на граѓаните и стратешките интереси на државата над политиката и над партиските интереси. Ова прашање е поголемо од секој од нас и од нашите политички партии. Ова е времето кога заедништвото на политичките претставници е најпотребно за Македонија. Во спротивно, единствената друга демократска алатка која преостанува се предвремени парламентарни избори – веднаш“, рече Заев.
Тој додаде дека го смета референдумот за успешен и дека нема да даде оставка туку напротив чуствува обврска да продолжи со работа се додека Македонија не биде членка на НАТО и ЕУ.
Мицкоски без став околу предвремените избори
Лидерот на опозициската ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој денеска не го искористи своето право на глас и го бојкотираше референдумот рече граѓаните кажале „стоп“ на Договорот со Грција. За неговата партија референдумот е неуспешен а „победил народот“. Тој ги обвини СДСМ за притисоци и уцени врз гласачите.
„ Бројот на граѓани кои не дадоа поддршка на овој срамен договор, односно бројот на граѓани кои апстинираа од гласање или пак гласаа против договорот е драстично поголем од оние граѓани кои гласаа за договорот. Факт е дека договорот со Грција не доби зелено светло, доби стоп од народот. Заев и неговата влада се делегитимирани, новата општествена реалност говори дека политиките на Заев и владата паднаа. Тоа што не успеа овој референдум е директна вина на Зоран Заев и владата и никој друг. Прво затоа што склучи штетен и лош договор, второ ја лажеше меѓународната заедница преставувајќи лажна афера дека овој договор ќе помине, а водејќи се од желбата да ја спаси својата кариера и ги прикрие криминалните афери, и трето затоа што на сила преку брутална манипулација и кршење на законите и Уставот проба овој договор да помине кај граѓаните. Оваа е желбата на народот која ВМРО-ДПМНЕ ќе ја следи“ рече Мицкоски од седиштето на партијата.
Околу барањето за предвремени избори доколу пратениците од неговата партија не гласаат за уставните измени тој не даде конкретен став.
„ Зоран Заев не треба да се подготвува за предвремени избори туку за политичка пензија“, каѓа Мицкоски.
Со свој став се огласи и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој пак смета дека сега на потег е Собраниетои дека има многу поважни прашања во моментот од предвремени избори.
„ Денес кажуваме дека Собранието треба да ја донесе одлуката за овој процес. И ние ќе гласаме за таа одлука. Референдумот беше само консултативен, Македонија има многу поважни прашања отколку предвремени парламентарни избори“, дециден беше Ахмети.
Со порака околу референдумот се јави и еврокомесарот Јоханес Хан кој оцени дека гласовите “за“ на референдумот се значајни и со тоа се дава поддршка на Договорот од Преспа.
„Им честитам на оние кои гласаа денеска на консултативниот референдум и ги искористија своите демократски слободи. Со значајното “да“ има широка поддршка за Преспанскиот Договор и евроатлантската иднина на земјата“, напиша Хан на социјалната мрежа „Твитер“.
Тој додаде дека очекува сите политички лидери да ја почитуваат одлуката на граѓаните и да ја спроведат со голема одговорност и единство ширум партиските линии во интерес на државата.