Гласањето заврши, цензусот виси

Заврши гласањето на референдумот. Во 19 часот се затворени избирачките места на кои граѓаните можеа да се изјаснат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“.

По затворањето на избирачките места можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.
Право на глас имаа 1.806.336 гласачи запишани во Избирачкиот список.
Според последните податоци што ги објави Државната изборна комисија (ДИК), одзивот до 18:30 часот беше 34,76 отсто од обработени податоци на 85 отсто од избирачките места.

Според законските прописи за успешен референдум потребно е да биде исполнет цензусот од 50% од регистрираните гласачи односно на гласање да излезат 903.168 граѓани и повеќе од половина да гласале „за“.

Гласањето помина во мирна и демократска атмосфера без посериозни нарушувања на гласачкиот процес. МВР регистрираше дваесетина инциденти.

Првите официјални резултати од ДИК се очекуваат за неколку часа