Над половина милион граѓани излегле до 17 часот и гласале на некое од 3.513 избирачки места во државата.
Според информациите на Државната изборна комисија (ДИК), кои беа објавени на последната прес конференција, до 17 часот на гласање излегле 29,01 отсто од вкупниот број на гласачи запишани во Избирачкиот список односно своето право на глас го оствариле 521.698 граѓани.
Сепак, ова се нецелосни бројки бидејќи досега се обработени податоците од околу 90 отсто од избирачките места.
Најголем одзив има во Општина Сарај каде досега гласале 54,21 отсто од гласачите запишани во Избриачкиот список како и во Општина Центар каде гласале 40,87 отсто. Најмал одзив има со Општина Ново село - 13,80 отсто и Старо Нагоричане каде гласале 16,18 отсто.
Во поголемите градови во државата одзивот се движи меѓу 25 и 35 отсто.
Од ДИК соопштија дека нема поголеми нарушувања на изборниот процес кој се одвива во мирна и демократска атмосфера.
„Главно сликата за денешниот ден е добра и сметам дека така треба и да продолжи и да не се дозволи да се наруши целата слика за овој ден. Сè зависи од граѓаните на Република Македонија, но сè зависи и од изборните органи кои не треба да дозволат какви било нерегуларности во овој процес“, рече Оливер Деркоски, претседател на ДИК.
Тој додаде дека приговорите што биле доставени до Комисијата, се отфрлени бидејќи немало основа да ги прифатат.
„Се работеше за луѓе што не се нашле на избирачкиот список, меѓутоа не ни можеле да се најдат, тие или менувале лични документи, или не поседувале важечки лични исправи, што значи дека немаат основ да бидат на избирачкиот список“, соопшти Дерковски.
Од МВР соопштија дека до 16:30 часот биле регистрирани 19 инциденти.Најмногу од нерегуларности се поради навреди на избирачи, нивно фотографирање и нелегално снимање а во Гостивар е приведена сестра на актуелна пратеничка, која заедно со уште едно лице фотографирала гласачи.