Палмер: граѓаните треба да ја искористат можноста и да гласаат на референдумот

Високиот претставник на САД со јасен став околу Договорот со Грција. Тој побара од опозицијата да размислува стратешки околу референдумот. Претседателот Иванов повтори дека не го признава договорот со Грција

СКОПЈЕ - Вршителот на должност заменик помошник државен секретар на САД, Метју Палмер, ги повтори ставовите на Стејт Департментот околу Договорот со Грција и ги повика граѓаните да ја искористат можноста, да излезат на референдумот и да го дадат својот глас за членство на Македонија во ЕУ и НАТО.

„Македонија веќе доби историска покана од страна на НАТО, а доби и јасен пат за пристапни преговори со ЕУ. Се надеваме дека граѓаните ќе ја искористат можноста на 30 септември да го дадат својот глас на референдумот за пристапување на земјата во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција“ рече Палмер по средбата со премиерот Заев во Владата.

Високиот претставник на Стејт Департментот, изјави дека побарал од опозицијата да постапува стратешки и уште еднаш да разгледа што претсавува и што нуди договорот со Грција

„И порачав на опозицијата да гледа на работите стратешки, да размислат што е најсветла иднина за македонските граѓани, посебно за младите, и сериозно да размислат што нуди Преспанскиот договор како европска иднина за Македонија и кои се придобивките од тоа, што отвора како можности и да најдат начин како да ја поддржат оваа европска иднина“, изјави Палмер.

Од Владата соопштија дека заедничка оценка на премиерот Заев и Палмер е дека ова е историски настан во кој граѓаните треба целосно да се вклучат и да ја имаат можноста слободно да се изјаснат.

„Беше истакнато дека потпишувањето на Договорот помеѓу Македонија и Грција е позитивен пример за целиот регион на Југоисточна Европа во насока на решавање на отворените прашања, гарантирање на стабилност, подобрување на добрососедските односи и продлабочување на економската соработка“ соопштија од Кабинетот на премиерот.

Серијата средби на американскиот дипломат почна во вилата на Водно со претседателот Ѓорге Иванов. На средбата се разговарало за актуелната политичка состојба во Македонија како и за зацрствување и унапредување на соработката меѓу Македонија и САД. Претседателот Иванов посочил дека Македонија уште во 2008 година ги исполнила условите за прием во НАТО, во изминатиот период активно учествувала и придонесувала во мисиите на Алијансата и со тоа заслужува членство без дополнителни услови. Тој го повторил својот став дека не го признава договорот меѓу Македонија и Грција.

“Во однос на постигнатиот договор меѓу владите на Република Македонија и Република Грција, претседателот Иванов истакна дека не прифаќа договор со кој се крши Уставот, Законите и се рушат државните институциите и претставува договор кој е на штета на македонските национални интереси” се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот.

Иванов изразил очекување и дека ќе продолжи американската поддршка за надворешно политичките цели и приоритети на Македонија, за добрососедските односи и регионалната соработка.

Американскиот дипломат се сретна и со лидерот на опозициската ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицковски, во седиштето на партијата. На средбата Мицкоски потенцирал дека државата, граѓаните и надворешните пријатели на Македонија стануваат заложник на неодговорна и непринципиелна политика на политичкиот естаблишмент на власта.

„ Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски посочи дека неодговорно, и антидемократски е што власта се одлучи на чекор да заобиколи компромис и одби да ги прифати аргументите на опозицијата во однос на формулирањето на референдумското прашање. Од една одговорна влада се очекува соработка и принципиелен дијалог за вака едно чувствително прашање“ стои во партиското соопштение.

Мицкоски истакнал дека е фокусирањето на реформските процеси за содзавање на посилна економија и правна дрѓава е клучно за Македонија и двајцата се согласиледека процесот на Евроатланска интеграција на Македонија е единствен пат кон обезбедување на стабилност во регионот.

Според агендата Палмер останува во Македонија до петок, вечерва ќе се сретне со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и ќе оствари средби со претставници на локалните власти надвор од Скопје.Тој утре ќе присуствува на прославата на Илиден во Круешво.