СКОПЈЕ – Просто наместо двотретинско мнозинство и одземање на ингеренциите на Комисијата за избори и именувања околу селекцијата на кандидати за членови на Државната изборна комисија (ДИК) се измените на Изборниот законик кои Владата попладнево ги достави до Собранието. Доколку се усвојат, блокадата на опозицијата ќе биде заобиколена и Парламентот ќе има отворен пат за избор на членови на ДИК со што би се запазиле и законските рокови за одржување на референдумот кој би требало да се одржи кон крајот на септември или почетокот на октомври и е клучен за прием на Македонија во НАТО и Европската Унија (ЕУ).
Чекорот на Владата ги изненади сите, особено опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а во образложението портпаролот Миле Бошњаковски се повика на Венецијанската Комисија, но и на неопходноста од функционална изборна комисија.
„Со измените ќе овозможиме избор на ДИК наспорти политичката блокада од опозицијата. Блокадата на избор на ДИК е појава која е нотирана во повеќе извештаи на Венецијанската комисија. Во овие извештаи јасно и недовсмилслено стои дека потреба од избор не смее да се претвори во контрапродуктивен инструмент за блокирање на процесите за формирање на клучни институции во системот. Ова мислење на Комисијата е една од основите за измените кои ги предлагаме“, изјави Бошњаковски.
Предлогот за измени на Изборниот законик кој Владата го достави до Собранието е со европско знаменце. Законот би требало да се разгледува во Комисијата за европски прашања што ја предводи Артан Груби од ДУИ а расправата би траела најмногу два дена. Измените во Изборниот законик, Собранието одлучи да ги донесе по скратена постапка на пленарна седница. Доколку политичките партии не предложат свои кандидати, спикерот Џафери има право да предложи членови за ДИК во рок од три дена.
За утре е најавена лидерска средба која ќе се одржи во Клубот на пратеници во Скопје а на која ќе присуствуваат лидерите на сите парламентарни партии. Се очекува единствена точка да биде токму процесот на формирање на ДИК.
Доколку не се постигне согласност со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, тогаш ќе се активира собраниската процедура и најверојатно новиот состав на ДИК ќе биде изгласан во петок.
Од опозицијата жестоко реагираа на Владиното барање.
„Ова е тажен ден за Македонија и лош ден за демократијата и интересите на граѓаните“, рече пратеникот Драган Данев од ВМРО- ДПМНЕ.
„Бевме сигурни дека ќе надвладее разумот и дека ќе го повлечете ова законско решение поднесено во скандалозна постапка. Гледаме политичко неразумно однесување, авторитативно однесување. За жал кога бевте опзиција ветувавте ќе се борите против истото. ВМРО го исполни својот дел од договорот, гласавме за реформски закони“ додаде Данев.
Спикерот Џафери пак реплицираше дека политичките партии презеле обврска дека нема да го блокираат процесот на избор на членови на ДИК.
Изборот на членови на ДИК заглави откако претседателот на собраниската комисија, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, одби да ја закаже седницата за избор на членови бидејќи немал согласност од сите партии.Опозицијата потоа го условуваше изборот со формирање на техничка Влада по пржинскиот модел, повикувајќи се на договорот меѓу партиите донесен во април.
Рокот за формирање на новиот состав на ДИК истече на 29 јуни. Новиот состав ќе има шестмесечен мандат и ќе биде задолжен само за референдумот. Огласот за нов состав на ДИК заврши пред две недели, а се пријавија 41 кандидат. Рокот до кога треба Собранието да го избере новиот состав на ДИК истекува денес.