Македонскиот алпинист Георги Петков настрада освојувајќи го Монт Еверест

Според првичните инфромации, Петков доживеал срцев удар над кампот 3, обидувајќи се да стигне до последната станица „Камп 4“ пред врвот Монт Еверест. Шерпасите се обидуваат да го спуштат неговото тело од планината

Гевгеличанецот Георги Петков (63), доктор и алпинист, вчера загина обидувајќи се да го освои највисокиот врв на светот Монт Еверест на Хималаите. Петков бил со поголема група планинари кои утрото тргнале од „кампот 3“ кој е на надморска височина од 7.200 метри кон „кампот 4“ кој е последна база на висина од 7.950 метри од која, по аклиматизацијата, се оди во освојување на врвот. Тој починал од срцев удар а неговите колеги немале никаква можност или шанса да му помогнат и да го спасат или реанимираат.

„Тим од шерпаси е испратен на местото и се обидува да го спушти телото на македонскиот алпинист до пониските базни станици на планината“, изјави Ками Нуру, шеф на базниот камп.

Гевгелискиот доктор Петков беше дел од експедицијата која ја водел искусниот британски планинар и алпинист Тим Мосдејл. На последната авантура тргнал на 24 март. Мосдејл, претходно во изјава за медиумите, истакна дека сите подготовки и логистика, фиксирање на јажиња, скали, боци со кислород и аклиматизација се направени и се чека на „временски џеб“ што овозможува поволни услови за да се тргне кон врвот. „Временскиот џеб“ се отворил вчера.

Жалење за загубата на Петков изрази Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.

„ За жал, тој му се предаде на предизвикот. Ова е четвртиот несреќен случај за оваа сезона. Околу 400 алпинисти засега успеаја да се искачат на Монт Еверест за оваа пролетна сезона, која почнува во април а завршува во мај“, велат од ФПСМ.

Доктор Петков беше долгогодишен планинар и член на планинарското друштво Кожуф од Гевгелија. Петков освои голем број вовои во Европа и светот. Тој се надеваше дека ќе го оствари најголемиот сон на секој алпинист, да го искачи Монт Еверест. Со тоа тој ќе беше првиот гевгеличанец и шестиот Македонец кој го освоил Монт Еверест. За жал тој е вториот Македонец кој го загуби животот на оваа планина, по битолчанецот Димче Илиевски – Мурато кој загина на 10 мај 1989 година симнувајќи се од врвот кој неколку часа претходно го освои како дел од експедицијата на тогашната СФРЈ.