БЕСА и ДПА влегуваат во Влада

Две министерски места добиваат новите партнери во Владата. Тие ќе ги поделат и заменичките места и директорските функции испразнети по напуштањето на Алијансата за Албанците на коалицијата. СДСМ и ДУИ со ротации во правда и образование. Во Владата влегува и Сојузот на Ромите на Амди Бајрам

ДПА на Мендух Тачи и крилото на БЕСА предводено од Африм Гаши, се новите коалициски партнери во Владата на премиерот Зоран Заев. Преговорите кои траеа повеќе месеци се завршени и лидерите си подадоа рака.

Според неофицијалните партиски извори, БЕСА на Гаши ќе го добие Министерството за култура кое досега го водеше кадарот на СДСМ, Роберт Алаѓозовски. Кој ќе биде кандидатот на БЕСА за оваа функција засега не се открива, но од партијата ги отфрлаат како неточни шпекулациите дека тоа ќе биде Зекирија Ибраими. Оттаму велат дека конечната одлука ќе биде донесена по состанокот на партиските органи кој е закажан за вечерва.

Влезот на ДПА во Владата го потврди и лидерот Мендух Тачи, кој рече дека одлуката треба да ја донесе Централното собрание на партијата.

„Мислам дека нема да му биде тешко на Централното собрание да одлучи, поаѓајќи од конструктивното однесување на ДПА за време на политичката криза и конструктивниот пристап на новата Влада за реформи и особено за интеграциските процеси за кои имаме точни информации дека ќе имаат позитивен напредок и затоа се надевам дека Централното собрание ќе донесе позитивна одлука“, изјави Тачи.

За влез во коалиција со СДСМ и ДУИ, ДПА го добива министерското место на Рамиз Мерко за странски инвестиции, а според Тачи и заменичкото во министерството за транспорт и врски.
Од ДПА најавија дека имињата на кадрите кои ќе ги предложат ќе ги соопштат по седницата. Повеќе од извесно е дека министерсткото место ќе го добие поранешниот пратеник Бардуљ Даути.

БЕСА и ДПА ќе ги добијат и заменичките места и директорските позиции кои ги држеше Алијансата за Албанците пред да ја напушти Владата.

Нефоцијалните инфромации говорат и дека ќе има ротација меѓу СДСМ и ДУИ во Министерствата за првада и образование. Рената Десковска, актуелниот министер за образование се споменува како најсериозен кандидат за иден министер за правда, ресор кој го држеше ДУИ а чиј министер си даде оставка пред повеќе од еден месец. Кој ќе биде кандидатот на ДУИ за министер за образование засега не е познато.

Покрај ДПА и крилото на БЕСА на Гаши, во Владата влегува и партијата на Амди Бајрам, Сојузот на Ромите која нема да добие министерско место, туку функција во пониските ешалони на извршната власт.

Со последните ротации во политичките блокови, парламентарното мнозинство сега ќе се зголеми на вкупно 67 пратеници.