Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, денеска го обвини премиерот Зоран Заев, дека како градоначалник на Струмица, отуѓил државно градежно земјиште кое по промена на инвестиротот завршило кај неговиот брат Вице Заев. Мицкоски обвини дека Заев, заедно со неговиот брат и братучед, имаат криминална шема преку која инкасирале неколку милиони евра во овој случај.
Според опозицијата, во декември, 2014-та година, на аукција била продадена парцела од 18.462 метри квадратни државно градежно земјиштеза, сума од 2.300 денари на инвеститорот Сашо Брндевски. На парцелата имало дозвола за изградба на една зграда седумкатница, но Општина Струмица со која тогаш раководи премиерот Заев, издава дозвола на парцелата да се градат вкупно 8 станбени згради од по седум ката.
„ Во февруари 2016 година, Сашко Брндевски потпишува договор за пренесување на право на градење со правните лица „Тотал инженеринг“, во сопственост на Вице Заев и „Пелагонија Струмица“, во чиј управен одбор тогаш е братучедот на Зоран Заев, Трајче Заев. Како надоместок, Брндевски добил стан од само 40-тина метри квадратни. Значи, еден стан за локација на која се гради зграда со нето површина од 6.888 метри квадратни, профит од над милион евра за братот и братучедот на Зоран Заев“, рече Мицкоски.
Наредниот месец, март 2016 година, Заев во својство на градоначалник на Струмица, носи решение за промена на инвеститор, каде што наместо Сашко Брндевски, нови инвеститори на станбената зграда се двете наведени фирми „Тотал инженеринг“ на неговиот брат Вице и „Пелагонија Струмица“ каде неговиот прв братучед е член на Управен одбор.
Од СДСМ веднаш излегоа со реакција на обвинувањата. Партискиот став е дека нема ништо спорно и дека станува збор за уште еден неуспешен обид на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да пласира наводна афера.
„Во 2014-та година, периодот за кој денеска неосновано обвинува Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ имаше целосна контрола врз институциите и доколку постоеше и најмало сомневање за сторен криминал од страна на претседателот Заев и неговото семејство тие веднаш ќе беа процесуирани. Јавноста се уште памети дека во тој период беа правени стотици контроли врз работата на Општина Струмица, дека сите можни институции и инспекции буквално со месеци живееја во Струмица и не успеаја да најдат ништо незаконско“, стои во соопштението на партијата.
Минатата недела опозицијата обвини дека фирмата на братот на премиерот - „Тотал Инженеринг“, била ангажирана за ископ и транспорт на јаглен во РЕК Битола, но информацијата беше демнатирана од раководството на комбинатот и беа најавени тужби.