Партијата Единствена Македонија, која во својот проглас за радикален пресврт во македонската политика порача дека „иднината им припаѓа на Русија, Кина и останатите држави од БРИКС и дека Република Македонија мора да се вклопи во таа иднина“, па затоа побара членство во Евроазиската економска унија и стратешко партнерство со Русија, во саботата им беше домаќин на руските професори Александар Дугин и Леонид Савин, кои беа дочекани со стоечки аплаузи во преполнетата сала.
„Не треба да се споредува руското, со американското или европското влијание. Треба да сфатиме дека ЕУ полека се распаѓа, и многу народи и држави сакаат да излезат од неа. ЕУ не ги решава сите проблеми, едни решава, но други создава. И затоа вие, во Македонија, треба да имате слободен избор, и да ја согледате реалната слика... Независно од Русија, независно од Брисел, независно од Американците“, изјави гостинот од Русија, професорот Алесандар Дугин, на панел-дискусијата на тема: „Република Македонија во стратешки сојуз со Русија и членство во Евроазиската економска унија“, во организација на партијата Единствена Македонија.
Гостите кои пред почетокот на дискусијата, на новинарите им изјавија дека од Србија, каде организирале школа за геополитика, дошле во Македонија за да воспостават комуникација со македонскиот народ, потенцираа и дека не можат да даваат политички совети, дека „секој народ самиот ја решава својата политичка судбина“, но и дека во актуелниот политички миг на Македонија, „ние го признаваме вашиот суверенитет и вашите права: постапувајте како што мислите дека треба, но, слoвенското единство е подлабоко од политичката конјуктура...“
„Најважно е словенските народи да бидат обединети, словенските народи имаат заедничка историја, судбина, корени..., и во Новиот поредок имаме многу опасности кои го загрозуваат нашиот идентитет. Дури и големите словенски држави, како што е Русија, се загрозени. Секој балкански народ, секој словенски народ има свои предизвици. Нашата посета во Македонија е да го подржиме единството и заедничките врски меѓу културите и народите. Македонскиот народ како словенски и православен народ, има голем интерес за Русија. Има и политички сили како Единствена Русија и други политички партии кои се залагаат за сојуз со Русија“, порача професорот Дугин.
Тој истакна дека со професорот Савин се „претставници на една филозофска насока во Русија: "Јас сум претставник на Евроазиското движење, кое е еден вид на филозофско движење во светот, а господинот Савин е претставник на многу влијателниот сајт геополика.ру, и за нас, не е толку важна конкретната политика, колку комуникацијата меѓу народите, односно, македонскиот и рускиот народ да имаат директни контакти и ние да се запознаваме едни со други“.
Иако и професорот Савин потенцираше дека „официјална политика на Русија е немешање во внатрешните работи на другите земји“, и дека тие се „претставници на народната дипломатија кои се подготвени со своето знаење и искуство да помогнат“, остана нејасно, колку во нивите ставови изнесени на дебатата, имаат поддршка од официјална Москва. Особено затоа што во поканата за настанот, партијата на чие чело се Јанко Бачев и Стефан Влахов Мицов, ги наведе говорниците од Русија како „професор Александар Дугин, првиот советник на претседателот на Русија, Владимир Путин и неговиот заменик, професорот Леонид Савин“.
„Никој нема право да натера една земја или еден народ да стапи или не, во еден сојуз. Затоа, прашањето за влегувањето во ЕУ, НАТО или кај нас во Евроазискиот сојуз, треба да биде слободно право на избор. Никој нема право да влијае врз мислењето и врз позицијата на народот. Русија не врши никаков притисок врз балканската политика, но ние сакаме и останатите земји да не вршат влијание и притисоци врз Македонија. Ако вие сметате дека вашата земја треба да се вика Македонија, тоа е ваше право, тоа е вашето име, тоа е вашиот идентитет. И сите треба да го почитуваат тоа...“, истакна Дугин.
Најжесток во настапот беше домаќинот, потпретседателот на Единствена Македонија, Влахов Мицов кој обвини дека „САД се подготвени да војуваат со Русија, до последниот Европеец“, дека постои план „за уништување на славјанскиот свет“, дека гостите од Русија се поканети за да се чуе алтернативно мислење, „спротивно на пропагандата која го труе македонскиот народ веќе 27 години“, како и дека „Македонците треба да се ослободат од англосаксонските стеги и да се вратат на вистинските корени на кои им припаѓаат, славјанските, а тоа значи – стратешки сојуз со Русија!“.
Во обраќањата пред преполната сала во која, два ипол часа, десетици присутни стоеја, говорниците беа прекинувани со скандирања за Русија и Македонија и со аплауз при спомнувањето на името на рускиот претседател Путин. Меѓу бројните обраќања од публиката, една од присутните, на организаторите им забележа дека „дебата требало да се одржи во спортската сала ‘Борис Трајковски’, за 14.000 присутни да ја искажеме својата љубов кон Русија“, а имаше и прашања „дали Руската Федерација ќе го мобилизира светот за да се стави крај на македонската голгота?“ и „дали Русија ќе ѝ помогне на Македонија ако биде нападната?“