Етнички фестивал на Македонците во САД

Your browser doesn’t support HTML5

Во Њу Џерси изминатиов викенд иселениците од Македонија беа во мисија за промоција на својата култура и традиција

Со традиционална храна, музика и оро, и оваа година по петти пат се одржа Македонскиот фестивал за храна во Сидер Гроув, Њу Џерси. Неколкуте илјади Македонци - посетители уште еднаш имаа можност да ја промовираат својата традиционална кујна пред своите соседи и американски пријатели.

„Целта на неговото организарање, како прво е да се покажеме како македонски народ, да се покажеме како народ, како нација, пред Американците. Основната негова цел е да ги привлечеме Американците, нашите комшии и пошироко“, вели Слободан Петковски, свештеник во црквата Св. Кирил и Методиј во Њу Џерси.

„Годинава очекуваме да дојдат повеќе од 3.000 до 4.000 луѓе, очекуваме да дојдат Американци, за да им ја претставиме нашата кујна, како што е сарма, полнети пиперки, ќебапи, македонски домашни колбаси, печени прасиња и јагниња на стар, традиционален македонски начин“, рече организаторот, Перо Грчески.

И, според претседателот на Обединетата македонска дијаспора, промоцијата на македонската култура и традиција треба да биде присутна на секое поле.

„Многу е добро што македонската култура се промовира пред луѓе што не се Македонци, особено што фестивалот беше промовиран во еден од најпрестижните весници во Њу Џерси, така да секој дозна за овој фестивал“, ни изјави претседателот на дијаспората, Мето Колоски.

Фестивалот ги исполни очекувањата на организаторите. И Македонците и Американците уживаа во убавата атмосфера но и традиционалната македонска храна.

​„Местото тука е одлично. Она што прво забележав, е што сите се пријателски настроени. За храната слушнав дека е добра, сеуште не сум ја пробала, но понесов за дома. Зедов полнети пиперки, сарми..., вели една посетителка-Aмериканка.

„Ова неколкупати по ред го прославуваме, мислам дека е убава работа, и Бог да даде и понатаму да ја прославуваме“, изјави македонскиот иселеник, Љубе Кочоски од Гарфилд, Њу Џерси.

Претседателот на Одборот на црквата Св. Кирил и Методиј, вели дека Македонците се сплотени и сите заедно работат на промоција на македонската култура и традиција.

„Тука ќе имаат можност Американците и другите националности да вкусат македонска храна, подготвена доброволно од нашите волонтери кои неуморно работат и подаруваа за оваа црква“, рече претседателот на одборот на македонската православна црква Св. Кирил и Методиј, Борче Ѓоршоски.

Услов за учество на фестивалот, е храната да биде направена по традиционални стари македонски рецепти, велат волонтерите.

„Јас сум од струмичко, село Костурино, работам тука седум години. Ова, што е направено тука е домашно, а покрај нашата имаме и храна што е подготвена и од други донации“.

Но, ништо не ќе беше толку автентично, доколку најмладите не беа вклучени во овој фестивал, со музика, песна и оро.