Ен Џаџ - за многумина женско име што никогаш не го слушнале, но, за вработените во „Национална географија“ (National Geographic), тоа е име што значи храброст.
Шеснаесет години по терористичките напади врз САД од страна на Ал- Каеда, колегите се сеќаваат на заедничките моменти пред последниот ден на Ен, кој заврши со уривање на авионот врз Пентагон, кусо откако два други удрија во кулите во Њујорк.
Со неа биле и ученици од три училишта во Вашингтон, кои Ен ги носела на наградно патување во Калифорнија.
Еден од нејзините колеги, пензионираниот фотограф во компанијата, Џим Стенфилд, ја опишува како жена чија насмевка не се заборава.
„Ако се сеќавам на нешто во Национална географија, тоа се комплексните приказни како Римската Империја, Античка Грција и Џингис Хан. Копилотот за помош на овие задачи беше токму Ен Џаџ. Отидов кај неа со материјал за 13 држави, кои требаше да ги посетам во четири месеци. И` реков дека нема да успеам. Ме погледна со убавите темни очи, и почна да се смее. Тоа беше Ен Џаџ”, раскажа Стенфилд за Гласот на Америка.
Стенфилд ги спомена и домашните забави за Денот на благодарноста, кои Ен ги организирала секоја година.
„Ќе испечеа неколку мисирки со нејзиниот сопруг, и надополнето со нејзината харизма и топлина, ќе поминевме уште еден одличен празник”, се сеќава Стенфилд.
Емори Кристоф, пензиониран фотограф на Национална географија, вели дека се радува секогаш кога зборува за неа.
„Сe сеќавам на Ен со многу длабоки чувства. Таа беше една од моите омилени колешки. Беше насмеана и секогаш успеваше да ги реши проблемите. Кога ќе се најдевме во комплицирана ситуација, се однесувавме како ништо да не се случило, дури и се смеевме, оти знаевме дека таа ќе среди се”, раскажува Кристоф.
11-ти септември 2001-та година, Кристоф бил дома и се подготвувал за ново патување. Информацијата ја слушнал од неговата сопруга.
Вели, овој настан, станал личен момент за него.
„Затоа што мојата колешка и пријателка беше таму, и затоа што веќе ја нема. За жал, таа се грижеше илјадници луѓе безбедно да патуваат, a не успеа да го осигура нејзиниот пат. Страшно е. Се чувствувам исто толку лошо, како и тој ден”, вели Кристоф.
И за Стенфилд, и за Кристоф, животот денес е помалку светол без присуството на Ен Џаџ.
Со недоречени мисли за пријателството со неа, го завршија разговорот за 11-ти септември - датум кој го промени животот на сите.