Од Националниот центар за урагани велат дека Ирма „се придвижува на запад преку делови од Куба и централните Бахами“, откако уништи области во Карипските Острови.
Ураганот во петокот го намали интензитетот на 4, од категорија 5, а метеоролозите велат дека „Ирма се очекува да остане силен ураган од категоријата 4 во текот на следните неколку дена.“
Ураганот е пропратен со ветрови кои достигнуваат брзина до 250 километри на час.
Од Националниот центар за урагани велaт дека Ирма се очекува да удри на северозападниот дел на Бахамите во петок вечерта како и во делови од јужна Флорида и Флорида Кис во сабота или рано во недела.
Во четвртокот, на повеќе од половина милион луѓе им било наредено да ја напуштат Јужна Флорида.
Гувернерот на Флорида, Рик Скот, рече дека најголемата загриженост во моментов е недостигот на бензин. Полицијата ќе ги обезбедува камионите за гориво во Флорида, додека тие испорачуваат бензин на бензинските пумпи кои останаа без бензин.
Скот рече дека сите седум илјади членови на Националната гарда на Флорида ќе бидат распоредени во петок, а илјадници работници во енергетиката ќе бидат подготвени да одат на работа.
Скот рече дека Ирма површински „е поширока од целата држава и може да предизвика големи и опасни по живот влијанија од брег до брег.“ Гувернерот им рече на жителите на Флорида, „Без разлика на тоа на кој брег живеете, бидете подготвени да се евакуирате.“
Офицерот за резервации на воздухопловните сили на САД, мајорот Џереми Де Харт, летал во центарот на Ирма претходно оваа недела. Тој рече дека интензитетот на невремето ја издвојува од други бури.
Ураганот Ирма веќе е бура која ќе влезе во книгите за историја. Експертите ја нарекуваат „најмоќната Атлантска бура“ досега снимена.
Невремето го растури островот Барбуда, оставајќи го „едвај погоден за живеење“, рече премиерот на Антигва и Барбуда, Гастон Браун.
„Она што го видов беше трогателно. Мислам, апсолутно катастрофално“, рече тој во четвртокот. Околу 95 проценти од сите згради на островот биле уништени или оштетени.
На островот Сент Мартин, што им припаѓа на Франција и Холандија, „многу луѓе едноставно лутаат бесцелно бидејќи немаат повеќе домови и не знаат што да прават“, изјави еден новинар за локалната радио станица.
Можеби ќе поминат и шест месеци додека не се врати електричната енергија насекаде во Порторико. Сведоците велат дека жиците лежат на улиците или висат од столбовите.
Претседателот Доналд Трамп прогласи вонредна состојба во Порторико. Федералната агенција за управување со вонредни состојби ќе ги координира расчистувањата и олеснувањето.
Француските и холандските спасувачки екипи се на пат да им помогнат на своите територии, а британската премиерка Тереза Меј испрати кралска морнарица на војници, маринци на британската територија на Карибите.
Досега се пријавени најмалку 10 смртни случаи на Карибите.
Ирма ги нападна Хаити и Доминиканската република со силни ветришта и силен дожд, но ги поштеди од директен удар.