Амбасадорката на САД во ОН Ники Хејли, на состанокот на Советот за безбедност, истакна дека САД не можеле да чекаат по нападот со хемиско оружје од вторникот, и со воздушните напади против владата на Башар Ал-Асад презеле одмерен чекор“.
Таа додаде: „ Ние сме подготвени да направиме повеќе, но се надеваме дека тоа нема да биде потребно. Сега е време сите цивилизирани нации да се приклучат кон запирање на ужасот што се случува во Сирија и да се најде политичко решение“, рече Хејли.
Амбасадорката на САД во ОН кажа и дека сириската влада е одговорна за хемискиот напад, додека Иран и Русија ги обвини за „одговорност“ за потпомагање и заштита на претседателот Башар ал-Асад.
Ники Хејли пред Советот за безбедност оцени дека Русија требаше да биде гарант за хемиското оружје, во смисла дека тоа е целосно отстрането од Сирија, согласно договорот од 2013-та година.
Таа додаде дека тоа би можело да се протолкува дека Русија свесно дозволила хемиското оружје да остане, или пак дека тие се „ неспособни“ во неговото отстранување. Според неа, „или тоа би можело да се протолкува дека режимот на Асад се поигрува со Русите, кажувајќи им дека не постои хемиско оружје, а истовремено го складира во нивните бази“.
Хејли воедно порача: „Светот сега очекува Русија конечно да се однесува одговорно во Сирија“.
Одлуката на претседателот Доналд Трамп да одобри ракетни напади врз сириската воздухопловната база привлече широка поддршка од американските сенатори од двете партии, иако некои од нив, изразија загриженост дека тој не побарал одобрување од Конгресот за акцијата.
Неколкумина најжестоки политички противници на Трамп ја поддржаа интервенцијата. Лидерот на малцинството во Сенатот, демократот Чак Шумер, нападите ги окарактеризира како „вистинското нешто што требаше да се стори“, по наводниот напад со хемиско оружје. Лидерката на малцинството во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси го нарече „пропорционален одговор".
Лидерот на мнозинството во Сенатот, републиканецот Мич Меконел, рече дека акцијата испрати силна порака до американските сојузници, но и до противниците.