„ Имам неколку опции. Студирањето во САД секако е една од нив. Сакам да студирам нутриционизам на универзитетот „Дејвис“ во Калифорнија. Секако тука е и “Вирџинија теч“, кој не би сакал да биде нивен студент“, вели седумнаесетгодишниот Ненад Стојчевски од скопската гимназија “Орце Николов“.
Тој и уште неколку стотини средношколци денеска дојдоа во гимназијата „Нова“ каде десет високообразовни институции од САД, универзитети и колеџи, ја презентираа својата програма во рамките на прокетот „ Education USA“.
„Програмата на универзитетот „Рочестер“ ни се допадна најмногу. Ќе се обидеме и ќе аплицираме. Доколку не успееме студиите ќе ги продолжиме во Македонија. Сепак, има многу квалитет и кај нас“, велат неколку средношколци кои го разгледуваа штандот на овој универзитет.
Претставниците на десетте универзитети и колеџи кои допатуваа во Скопје неколку часа се обидуваа да одговорат на безбројните прашања на средношколците.
„Разновидноста е многу битна за американските универзитети и претставува бенефит и за американските и за македонските студенти. Размената на студенти е многу битен начин за промовирање на меѓусебното разбирање и почит. Американската амбасада го поддржува проектот „ Education USA“ и навистина сме среќни што и оваа година Македонија е вклучена. Прекрасно е кога ќе се видат овие млади момчиња и девојки кои сакаат да студираат во САД„ изјави Лора Браун од амбасадата на САД.
Голем дел од средношколците ја откриле можноста да студираат во САД преку едукативниот центар - Американско катче кое се наоѓа во Универзитетската библиотека. Таму, покрај информации им се нуди и бесплатна помош и посредување при прибирањето на неопходните документи и апликацијата.
„ На колеџот „Минерва“ секоја година студираат по неколкумина студенти од Македонија. Преку оваа програма барем десетина средношколци секоја година добиваат понуда да го продолжат своето образование во некој од колеџите и универзитетите кои учествуваат во овој проект“, вели Олгица Ѓорѓиевска, координатор и советник во „Education USA“ во Македонија.
Најголем интерес има за додипломските програми од природно-научните и општествените области. Меѓутоа, Горѓиевска вели дека и бизнис-администрацијата, уметноста и економијата во последните години се многу барани.
Програмата „Education USA“ по четврта година по ред се промовира во Македонија.Во просек 300 до 500 средношколци секоја година присуствуваат на овој настан а бројката на апликации е во постојан пораст.