Ѓорге Иванов не отстапува од позицијата - нема да го додели мандатот на новото парламентарно мнозинство, се` додека не бидат исполнети условите. Ова тој денеска го кажа и пред првиот човек на Европскиот совет со кого имаше полчасовен тет а тет состанок. Објаснувањето на Иванов пред Доналд Туск било дека, како што ја нарече, уценета влада, нема долгорочна стабилност и има краток рок на траење.
„Го запознав со моите уставни овластувања како и со практиката за доделување мандат уште од 1992 година. Мојот став останува непроменет – целта на двата услова е никој да не ја оспори новата влада и да не се соочиме со штетни последици“, рече претседателот Иванов.
Тој ги повика политичките лидери да ги спроведуваат итните реформски приоритети, а не, како што рече, да имплементираат платформи пишувани во други држави со кои, според него, се нарушуваат доборососедски односи, се бара промена на Уставот, се зголемуваат меѓуетнички тензии. Претседателот на Европскиот совет, кој е на балканска турнеја, го повика Иванов да покаже лидерство и да се бара демократско решение за кризата.
„Разбирам дека ова не е лесно време и дека имате одговорност да обезбедите државност, овие времиња бараат лидерство и ништо друго. Дојдов овде со силна порака од ЕУ, поддршката од Унијата на вашата европска перспектива е недвосмислена. Членството кон ЕУ и НАТО се покажуваше како фактор на единство во вашата земја и се надевам дека ќе продолжи. Одговорив на Вашето писмо за излез од кризата која го попречува патот кон ЕУ. На вас е да најдете решение базирано на демократски вредности и здрав разум. Само таквото решение може да биде одржливо“, изјави Туск.
Туск имаше повеќе среќа отколку еврокомесарот Јоханес Хан и европратеничката тројка Кукан-Вајгл-Флекенштајн, со кои Иванов одби да се сретне пред две седмици во Скопје. Тие, тогаш порачаа дека приоритет за Македонија е брзо формирање реформска влада, почитување на изборните резултати, воздржување од разгорување меѓуетнички тензии.