Пред зградата на ЕУ во центарот на Скопје се обратија основачите и лидери на иницијативата кои порачаа дека нема да се откажат се’ додека не се осуди т.н. „Тиранската платформа“ од Брисел и не се отфрли од македонските политичари алудирајќи на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„ Триесет и шести ден како бараме од сите политички партии да се откажат, да ја отфрлат и да ја осудат тиранската платформа, триесет и шести ден како повторуваме дека не сакаме двонационална, двојазична Македонија, туку мултиетничка Македонија, заедничка Македонија. Некогаш во нашата земја и во оваа зграда доаѓаат луѓе, кои што мислат дека можат да ни го свиткаат грбот. Некогаш доаѓаат политичари со свои интереси и свои агенди, кои сакаат да не се сретнат со народот и да не го слушнат гласот на народот. Но некогаш доаѓаат и такви политичари кои имаат малку повеќе сенс за зборот суверенитет и такви политичари кои не се наметнуваат со такви решенија, кои резултираат со свиткана кичма. Му посакуваме добредојде на Туск и му посакуваме добро да не види колку сме, бидејќи ако повторно дојде некој Хан ние можеме да се собереме и во неколку пати поголем број од овој“рече Богдан Илиевски.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, како што истакна Илиевски, ги слушнал пораките кои граѓаните ги испраќаат и се надева дека ќе им ги пренесе на своите колеги во Брисел.
За Борис Дамовски, Туск покажал дека ЕУ има „ронка разум“ во однос на проблемите и политичката криза во Македонија.
„Денот е добар затоа што конечно слушнавме некој европски политичар да каже дека сепак ова е внатрешен проблем и дека овој проблем нема да се решава со посредници по ексклузивни населби, туку тука во Македонија и народот ќе одлучи. Конечно видовме некој европски политичар да покаже ронка разум“, рече Дамовски.
Тој додаде дека во Македонија не е потребен реферндум за името туку референдум за насоките кон кои политичарите ја водат државата.
Последен пред присутните се обрати оперскиот пеач Игор Дурловски кој потенцираше дека се залага за европски вредности и демократија. Масовноста на протестот според него е доказ дека не станува збор за платена револуција туку за народ со „чисти мисли и срце“.
„ Вие што нè гледате и што нè броите, сакам да чуете, сите сме за заедничка Македонија, сите сме за подобар живот, сите сме за европски вредности, сите ние сме за демократијата. Ништо повеќе, ништо помалку“, рече Дурловски.
Протестите на иницијативата „За Заедничка Македонија“ кои траат веќе 36 дена продолжуваат утре.