ДУИ не коалицира со ВМРО ДПМНЕ, Македонија не доби Влада

Од партијата најавија дека за одлуката со кого ќе коалицираат ќе продолжат дебатите и во наредните денови. ВМРО-ДПМНЕ бараат нови избори за излез од кризата. Сега ќе се чека на претседателот Иванов и на неговата одлука кому ќе го довери следниот мандат.

ДУИ нема да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ. По неколку часа расправа на проширениот состав на Централниот комитет во седиштето во Мала Речица, едногласно било одлучено дека дебатата за опциите треба да продолжи и откако ќе се исцрпат сите аргументи да се донесе конечна одлука со кого ќе се коалицира.

„Не донесовме одлука во однос на било која од опциите кои беа на маса, без исклучувања на ниедна. Досега немаше доволно аргументи за конечна одлука. ДУИ започна сеопфатен процес на консултации, во партијата, со нашите членови, пријатели во меѓународната заедница и имавме сеопфатна дебата за петте предлози кои беа на маса. Од последните состаноци, едногласно одлучивме дека таа дебата не може да биде денес исцрпена, за било која од петте опции и остануваат сите опции отворени“, изјави Бујар Османи, портпарол на ДУИ.

Петте опции на ДУИ се коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, коалиција со СДСМ, широка влада, нови избори или ДУИ во опозиција.

Според него, тие се воделе според тоа да донесат одлука во интерес на Албанците и Македонија и затоа им треба уште време и најави дека разговорите во партијата ќе продолжат утре.

Османи одби да одговори дали ставот на ДУИ ќе биде ист доколку ВМРО- ДПМНЕ повторно добие мандат за составување на Влада.

Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ја информира јавноста дека остануваат на прогласот од 17-ти декември и нивните црвени линии во однос на двојазичноста и СЈО, и додадоа дека бараат нови избори за излез од кризата.

„ВМРО-ДПМНЕ смета дека формирањето на Влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не нејзино продлабочување и смета дека одржувањето на нови избори е зрело решение, а во функција на надминување на кризата и поставување на реформските приоритети во прв план. Секое друго решение само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака поделеното општество. Очигледно некој сака да се занемари волјата на мнозинството граѓани и да ја втурне Македонија во некоја нова неизвесна фаза од нејзиниот развој. ВМРО-ДПМНЕ останува на своите принципиелни позиции по однос на стратешките прашања од државен и национален интерес и прогласот усвоен на 17-ти декември 2016-та година“

Претседателот Иванов сега повторно треба да го додели мандатот. Во Уставот не е прецизно наведено што да се прави во ваква ситуација односно дали Иванов треба повторно да му го даде мандатот на ВМРО- ДПМНЕ или пак на лидерот на СДСМ како партија која освои втор најголем број на гласови на изборите.

„Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, стои во членот 90 од Уставот на РМ.

Ескепертите различно го толкуваат овој член а се споменува и преседанот во 1992-та година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров го додели мандатот на СКП ПДП, сегашен СДСМ, кои ги загубија изборите, но имаа втор најголем број на гласови.