Доналд Трамп ја даде свечената заклетва и од вчера е официјано новиот претседател на САД. Во својот говор на инаугурацијата тој најави крај на начинот на кој функционира Вашингтон.Првата негова мерка откако влезе во претседателскиот кабинет во Белата куќа беше потпишување на указ против законот за здравствено осигурување „Обамакер“, една од основните одлуки на неговиот претходник Барак Обама, како што најави во кампањата.
Во меѓувреме, на веб страницата на Белата куќа веќе се поставени новите агенди на претседателотТрамп за неколку клучни прашања како енергетика, работни места и проширување, војска, полиција и трговски договори.
За она што најмногу ги засега сите - надворешната политика, засега администрацијата на Трамп нема никакви најави за измени. Тој во својот говор само кажа декаќе издаде нов декрет кој треба да биде слушнат во секој странски главен град и во секој центар на моќта: Прво Америка!
Македонија и Балканот со големо внимание ја проследија смената на власта во САД. Ова особено се однесува на десницата која му даде отворена поддршка во текот на кампањата. Експертите сметаат дека нема да има посериозни промени во политиката на САД пред се на фактот што на својата функција во Стејт Департментот останазаменик помошникот државен секретар Брајан Хојт Ји како и амбасадорот на САД Џес Бејли.Тие се согласни дека Македонија па и политичката криза во државата не е меѓу приоритетите на претседателотТрамп и неговата администрација.
„Просечен граѓанин на САД не би знаел на карта да ја најде Македонија. Македонија ни економски ни стратешки ни политички не е на радарот на нивните интереси. Не гледам што би го иницирало новиот претседател за смена на досегашната политика“, вели професорот и пратеник Ферид Мухиќ.
Сличен став има и професорот Владо Поповски.
„Опсервациите се дека проблемите на Македонија ќе бидат при крајот на листата на проблеми за решавање на новиот американски претседател. Има многу покрупни прашања кои максимално ќе го окупираат новиот претседтел“, смета Поповски.
Поранешниот дипломат Ристо Никовски очекува пофлексибилна политика на Вашингтон кон Москва, но не предвидува разлики во однос на досегашната американска политика кон Македонија .
„Некакви поголеми промени во скоро време тешко дека може да се очекуваат. Мислам дека односот кон Балканот во целина и американскиот интерес да продолжи да доминира ќе продолжи “ изјави Никовски.
Претседателот Иванов и лидерите на политичките партии му испратија честитки на Трамп. Тие се надеваат дека САД ќе останат пријател и стратешки партенр на Македонија.
„Длабоко сум уверен дека со вашето лидерство Соединетите Американски Држави ќе продолжат по патот на прогресот. Но верувам дека вашето лидерство е значајно и на глобален план, особено сега кога светот се соочува со бројни предизвици и кога повеќе од било кога е неопходно единство, заемно почитување и искрена соработка. Сакам да знаете дека во Република Македонија и во мене имате искрен пријател и поддржувач“, вели претседателот Иванов во честитката до Трамп.
Во својата честитка претседателот на СДСМ, Зоран Заев , побара од Трамп САД да продолжат со поддршката на Македонија за влез во НАТО и ЕУ.
„Иднината на Македонија како држава е во НАТО и Европската унија и се надевам дека САД ќе продолжи со политиките на поддршка на евро-атлантските интеграции. Се заблагодаруваме на континуираната успешна соработка што во тој дух ја има нашата земја со САД и се надеваме дека така ќе продолжи и во иднина“, порача Заев во својата честитка.
Претседателот на ДУИ Али Ахмети во својата честитка наведедека САД мора да останат партенри и на Албанците како и досега.
„Посакувајќи добро здравје и успех во неговата нова задача, остануваме уверени дека САД ќе продолжат да бидат стратешки партнер на Македонија, Албанците и Балканот, и поддржувач на нашиот незапирлив евроатлантски пат“напишаАхмети.
За разлика од своите колеги претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски му честиташе на новиот американски претседател Доналд Трамп преку Твитер.
– Честитки претседателе Трамп. Нова енергија за стратешкото партнерство и пријателство помеѓу Република Македонија и Соединетите американски држави, напиша Груевски на Твитер.