ДИК: Избори во дијаспората само ако се пријават 6.478 гласачи

Државната изборна комисија (ДИК) апелираше до македонските државјани во странство да ја искористат можноста за пријавување за гласање за предвремените парламентарни избори до 11 ноември. Оттаму информираат дека денеска заклучно со 13 часот за гласање во странство се пријавиле 6.639 граѓани од кои прифатени се 6.059, 134 се одбиени, а 446 пријави се во обработка.

Од ДИК посочуваат дека согласно одредбите од Изборниот законик, еден пратеник во седмата изборна единица ќе биде избран доколку освоил најмалку онолкав број на гласови со којшто е избран пратеник со најмалку број на гласови во изборните единици во Република Македонија на последните парламентарни избори.

Според резултатите од последните парламентарни избори од 2014 година тој број на гласови изнесува 6.478.

„Тоа би значело и дека избори во седмата изборна единица ќе се организираат доколку ДИК заклучно со 11 ноември прифати најмалку 6.478 од поднесените пријави“, изјави на денешната прес-конференција Љупка Гугучевска, советник во ДИК.

Според информаиците од Комисијата, најмногу пријавени за гласање во дијаспората има во Дипломатското конзуларно петставништво во Детроит, САД.

До денеска пак до 13 часот преку веб апликацијата пријавување за запишување во Избирачкиот список извршиле вкупно 407 граѓани од 29.858 чии записи по извршените вкрстени и теренски проверки останале некозистентни односно спорни во Избирачкиот список. Триста и шеесет пријави се прифатени од ДИК, две се во обработка, а 45 во фаза на разгледување.

„Ги потсетуваме граѓаните дека оваа дополнителна можност за пријавување е всушност и последната. За сите оние кои се на овој список, а сакаат да гласаат на претстојните избори токму поради тоа апелираме да проверат дали се на овој список и ако се веднаш најдоцна до 11 ноември да поднесат пријава за запишување во Избирачкиот список“, рече таа.