Српскиот премиер ја смирува јавноста

Александар Вучиќ се обиде да ја увери јавноста дека е безбеден, по откривањето на оружје кај неговиот дом.

Оружјето кое се состоело од рачни гранати, снајперска пушка и муниција е пронајдено во сандак во грмушки во близина на раскрсница каде возилата што го придружуваат обично подзастануваат.

Вучиќ предупреди пронаоѓањето на оружјето да не се поврзува со можен атентат.

„Единствениот проблем што јас го гледам е што моите лични телохранители, во кои имам голема доверба ми рекоа дека е идеална локација за вршење на напад. Без разлика дали некој го оставил таму случајно или не, тоа би било погодно место за атентат. Моја претпоставка е дека некој случајно го оставил сандакот со оружје таму“, изјави Вучиќ.

Србија изобилува со нелегално оружје останато од балканските војни од 90-тите години и неретко луѓето се ослободуваат од муницијата што ја поседуваат за полицијата да не го отркие нивното поседување.

Вучиќ во неделата изјави резултатот од ДНК анализите ќе покаже за што станува збор и дали навистина се работи за планиран атентат како што претпоставуваат владините претставници.

Овој инцидент се случува 13 години по атентатот кој беше извршен на тогашниот премиер Зоран Џинџиќ, кој беше убиен со снајпер пред Владата во Белград.

Џинџиќ беше првиот демократски избран премиер на српската Влада по соборувањето на националистичкиот лидер Слободан Милошевиќ во 2000-та, кој потоа умре во затвор додека беше суден за воени злосторства за време на Балканските војни.