„Во ситуација на масовна психоза во која од ден - на ден, се подигнува нивото на максимално можно мобилизирање на партиите за претстојните парламентарни избори, непомирливоста, спротивноста и противречноста на „едни“ со „други“, нарушените пријателски, роднински, па и семејни врски поради партиски недоразбирања, добија сериозни димензии... Односите меѓу граѓаните од различни конкурентски партии во пресрет на 11-ти декември, кога и според „левите“ и според „десните“, треба да се одлучува за тоа дали државата ќе опстои или не, добиваат на жестина и го надминаа политичкото ривалство и прераснаа во лична нетрпеливост и омраза... Проблемот, чинам, е до тој степен исконструиран што никого не остава рамнодушен“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, новинарот Томислав Кежаровски, осврнувајќи се на ситуацијата во македонските медиуми и на предизвиците со кои се соочуваат новинарите во Македонија, во пресрет на декемвриските парламентарни избори.
Кежаровски стана поим за жртва на противниците на слободата на медиумите и на јавниот збор, откако беше осуден на 4,5 години затвор, за наводно обелоденување на идентитет на заштитен сведок во судски процес, иако самиот сведок на судење, јавно призна дека лажно сведочел под присила и полициско застрашување. Поради неговата пресуда, во 2013 реагираа бројни меѓународни организации за човекови права и новинарски асоцијации, а обидот на дел од македонските новинари да го демонстрираат своето незадоволство и да бараат негово ослободување, преку таканаречениот „Протест со молк“, беше насилно спречен со интервенција на специјални полициски единици.
Иако, по тој повод, на тригодишнината од протестот, Кежаровски ги повика колегите на симболично одбележување на „денот кога полицијата крена рака врз новинарите, кога полицијата се обиде да ги замолчи новинарите…“, само три дена претходно, пред директно вклучување во вестите од пред објектот на Управата за безбедност и контраразузнавање, со тупаници и клоци, физички беше нападнат новинарот на ТВ Телма, Павле Беловски. По тој инцидент, кој исто така, ја илустрира состојбата во која се наоѓа новинарството во Македонија, Беловски за медиумите изјави дека е убеден дека не бил нападнат како репортер, а не како личност и дека напаѓачот би нападнал било кој репортер кој известува оттаму: „Знаеме каква е ситуацијата и случувањата внатре во МВР, има тензии, и ситуацијата има политичка конотација, а во тек се и истражни мерки... Новинарите не можат да одат со обезбедување, бидејќи се дел од ткивото, од општеството и тие се секаде. Но, со законски измени, генерално можеме да ја заштитиме професијата...“.
Според Беловски, ако возврател на нападот, „тоа ќе значеше дека се штитам самиот себеси, но со тоа што не возвратив, ја заштитив мојата професија. Тоа не значи дека треба да сум жртва за да го вратиме дигнитетот на професијата, но мора од некаде да се почне“, потенцираше Белoвски.
За ситуацијата во која, од една страна, според репрезентативната еснафска асоцијација Здружението на новинарите на Македонија, „досега има регистрирано 35 напади против новинари, ниеден од нив досега не е расветлен, ниту пак, некој од насилниците е казнет“, а од друга страна, на повеќегодишните вулгарни напади и користењето на јазикот на омраза во дел од провладините медиуми, пред сé на порталите, неретко се одговара со пречекорување на границата меѓу активизмот и журнализмот, и со невкус и непрофесионализам и кај дел од проопозиционите медиуми, за Гласот на Америка на македонски јазик зборува и Гордана Дувњак, новинар и уредник со тридецениско искуство во печатените медиуми.
„Кога општата политичка клима влијае толку многу на сите сегменти од нашите животеци, најголем личен предизвик, кога ќе се разбудиш наутро е - како да најдеш ‘предизвик’ и ентузијазам во денот. Но, уште повеќе, како во вакви тешки и ненормални времиња да останеш ‘нормален’, професионален и деконтаминиран од глупости, злоба и нечувствителност. Што да се очекува од изборите (ако ги има) и се одржат овој пат? Наједноставниот и најповршен одговор би бил - да има крај на политичката криза и да добиеме изборен победник, чии резултати нема да бидат оспорувани и вовед во нова, уште поголема криза...“, ни изјави Дувњак.
И Кежаровски, смета дека е неодржлива поделбата меѓу новинарите и меѓусебните напади, во „одбрана“ и во полза на политичките партии или на бизнис-центрите на моќ. Поделбите, антагонизмот, јазикот на омраза, според него, „се пресликуваат и во новинарството. Кризата ги стави во втор план одговорноста и етиката. Важноста од заработка, стана поважна од етиката, важноста од ‘добра насловна страна’ е поважна од почитувањето на човекот, неговите права за приватност и сите човекови права. Постои тренд на дисквалификации по секој основ, па дури и до лични навреди, дека некои се непријатели на земјата или не се, дека ѝ го сакаат или не ѝ го сакаат доброто на Македонија“.
„Сега, пред новинарите се поставува прашањето како да се биде објективен, во ваква крајно поларизирана и дисхармонизирана ситуација. Можеме и мораме да опстоиме, да бидеме на браникот на професијата, да бидеме пред сé и над сé објективни, без оглед на сите подметнувања, озборувања, навреди и клевети. Можеме и мораме реално да известуваме за случувањата. Ако само се присетиме каква е нашата улога во општеството, тогаш неминовно е дека ќе имаме професионално новинарство“, и покрај сé, е оптимист Кежаровски.
Новинарката Дувњак е порезервирана во однос на надминувањето на ситуацијата. „Секој од нас, индивидуално и како општество во целина,,заслужуваме многу подобар, поквалитетен, попристоен и подостоинствен живот за живеење. И враќање во еден нормален колосек на живеење, во кој вистинските вредности, конечно, ќе дојдат до израз... Не сакам да звучам песимистички и дефанзивно, но тоа нема да биде ниту брзо, ниту лесно. Изборите сами по себе ништо не значат, доколку нема расположение и волја за радикална промена на сегашната ментална матрица, која им донесе добро и привилегии, само на еден тесен круг на луѓе“.