Во новиот извештај Светска банка заклучи дека политичките превирања имале негативно влијание врз растот на македонската економија во првата половина од 2016 –та година, поради што и се очекува забавување на растот до ниво од 2 проценти. Очекувањата на Светска банка се дека до крајот на годината јавниот долг ќе достигне 50 проценти од бруто домашниот производ. Една од клучните точки во извештајот е загриженоста за одржливоста на пензискиот фонд.
Тоа што Светска банка го посочи во својот извештај за Македонија, според експертската јавност, е потврда на домашните анализи за лошиот концепт на власта за менаџирање со економските политики. Една во клучните точки во документот на Светска банка е загриженоста на пензискиот фонд на среден и долг рок. Универзитетскиот професор Крсте Шајноски за „Гласот на Америка“ објаснува зошто оваа институција се наоѓа во опасност ако актуелните трендови продолжат и понатаму:
„Не може да барате одржливост од страна на финансиска институција од која многу се зема, а малку се дава. Во моментот имаме, условно речено ограбување на пензискиот фонд со цел да се спроведат популистички политики на власта. Имаме енормно вработување на луѓе чии обврски кон Пензискиот фонд ги сервисира државата“.
Во последните години, според анализите на Светска банка, процентот од вкупните приходи на пензискиот систем кои се остваруваат од трансфери од домашниот буџет стигнува и до 45-46 проценти. Затоа, заклучокот е дека постои сериозна зависност на пензискиот систем од централниот буџет. Бојан Шимбов од Светската банка вели:
„Практично 89 отсто од ново креирани работни места се со фискален стимул. Со оглед на тоа што имате работни места кои се креираат каде работодавецот е ослободен од плаќање на социјални придонеси и слични давачки“.
Проценките се дека на среден и на долг рок таквата состојба создава големи притисоци врз пензискиот систем, кој пак се темели на она што се нарекува „генерациска солидарност“ - да не се одзема од идните генерации за бенефит на сегашните генерации.