Без разлика на неодамнешната одлука да ја напушти Европската унија, Британија се` уште се спротивставува на секој обид на Алијансата да создаде сопствена војска, кажа британскиот министер за одбрана, Мајкл Фалон.
„Ние ќе се спротивставиме на секоја идеја за европска армија или команда на европската армија која ќе го поткопа НАТО.“ кажа Фалон за време на средбата на Европската унија во Братислава.
Коментарот на Фалон дојде по обидот на членките на Европската унија да зацртаат нов план за воена соработка помеѓу 28-те земји-членки.
Франција и Германија го изнесоа предлогот кој вклучува зголемен буџет за воени мисии, зголемување на европското присуство на мировни мисии ширум светот и соработка во борба против кибернетски напади.
Фалон вели дека тој се спротивставува на идејата за армија, но нема да стави вето на планови за воена соработка затоа што, „не постои мнозинство“ кое тоа ќе го одобри.
Британија долго време се спротивставува на таквите планови, плашејќи се од создавање на моќна централно европска армија контролирана од Брисел. Германската министерка за одбрана, Урсула фон Дер Лајен и нејзиниот француски колега Жан Ив ле Дриан кажаа дека нема планови за европска армија.
Фалон вели дека Британија ќе продолжи да поддржува европската одбрана преку НАТО, без разлика на плановите за напуштање на ЕУ, и дека следната година ќе бидат распоредени дополнителни британски трупи во Естонија и Полска.