Гес: Намалувањето на кредитниот рејтинг лоша вест за јавните финансии

Your browser doesn’t support HTML5

Професор Џорџ Гес од Универзитетот Џорџ Мејсон го коментира неодамнешното намалување на кредитниот рејтинг на Македонија

Една од трите најголеми меѓународни кредитни агенции, Фич го намали кредитниотт рејтинг на Македонија од ББ+ на ББ со негативни изгледи. Намалувањето на кредитниот рејтинг значи дека позајмувањето од меѓународните финансиски институции во иднина може да биде поскапо, вели професорот од Универзитетот Џорџ Мејсон, Џорџ Гес

„Каматната стапка ќе се зголеми кога рејтингот е намален. Ќе треба да се продадат обврзници кои се поскапи. Отплаќањето на постојниот долг исто така може да чини поскапо.“

Фич како главни фактори за намалувањето на рејтингот ги наведува политичката криза, корупцијата, лошите стандарди на владеење. Агенцијата во извештајот смета дека и ако се одржат парламентарните избори, не е извесно дали тоа ќе доведе до политичка стабилизација.

За трендот на пад на инвестициите во 2015 –та вели дека не се само од политичка природа и за да се одржи растот потребна е стабилна законска и регулаторна рамка.

„Фактот што нивото на странски инвестиции има надолен тренд не значи дека овој економски модел не е` одржлив, туку дека не постои доволна стимулација за инвестиции. Ако ситуацијата со даноците и регулативата не се стабилни, никој нема да преземе ризик да инвестира во земјата.“

Тој смета дека структурата на општествената потрошувачка во земјата, субвенционирањето во комбинација со неконкурентното индустриско производство може да биде дополнителен притисок врз државниот буџет.

Државниот долг на Македонија во споредба со останатите земји во регионот и пошироко е значително помал и земјата можеби има фискален простор да се справи со задолженоста:

„Треба да се има одржлив извор на приходи за годишниот буџет да не заврши во дефицит и јавниот долг да продолжи да расте. Не би нарекол криза. Но, ако бруто домашниот производ опаѓа, дефицитот неминовно ќе расте.“

Затоа странските инвестиции се важни. Македонија не е членка на Унијата да добие директна финансиска помош.

Политичката стабилност и законските регулативи се приоритет за странските инвестиции, смета професорот Џорџ Гес.