Овој дел од процесот се состои од измени на низа закони кои треба да ја отсликаат содржината на договореното во чија суштина е овозможување услови за фер и слободни избори – завршната етапа од надминувањето на внатрешната политичка блокада.
Роковите се куси – први на листата се измените на Изборниот законик, па измените во законот за аудиовизуелни услуги со што директно се задира во сферата на медиумите, предвидени се измени и на законот за влада кои прецизираат дека мандатите на министрите и дополнителните заменици-министри, избрани во согласност со договорот од Пржино, ќе завршат на денот кога ДИК ќе ги потврди официјалните резултати од изборите.
Списокот е долг, а голема е можноста да се забошотат некои од наведените обврски - велат за „Гласот на Америка“ познавачи на состојбите кои се внимателни во прогнозите. Аналитичарот Петар Арсовски предупредува дека секогаш може некоја нова точка, како што на пример беше аболицијата, да влета во процесот и да го закочи:
„Имајќи во предвид дека кризата предолго трае можеби е време да се спроведат избори кои нема да бидат идеални, но ќе бидат некаква точка – завршница на оваа фаза од кризата. Инаку кризата во Македонија ќе продолжи и по изборите и ќе продолжи во наредниот среден рок зашто таа не е само политичка, туку е системска криза – криза на партиите, криза на институциите, криза на електоратот, криза на демократската свест, криза на медиумите.“
И универзитетскиот професор Мерсел Биљали има слични стравувања, иако како што вели, овој договор за разлика од ланскиот има подобри контролни механизми за негово спроведување:
„Поаѓајќи од реалноста дека структурата што ја води власта е до гуша во криминал и е врвен мајстор да ги минира, саботира, опструира сите определби. Така што многумина оправдано не веруваат дека ќе имаме хепи енд во оваа спогодба.“
Двајцата се согласуваат дека дипломатскиот притисок бил решавачки за постигнување договор, но и дека не може да се очекува меѓународната заедница да ги заврши сите работи за финализирање на кризата.