Медиумските напади се интензивираа откако во септември минатата година Русија се вклучи во сириската граѓанска војна за да му помогне на режимот на претседателот Башар ал-Асад.
Иако е тешко да се измери успехот на пропагандната кампања, Русија презема чекори за блокирање на интернет пораките на Исламската држава. Терористичката организација се фокусира пред се на младите, жените и џихадистите за кои верува дека се подготвени да се приклучат на нивната кауза.
Според руската влада, повеќе од 4.000 руски државјани заминале за Ирак и Сирија за да приклучат на различните џихадистички групи, вклучувајќи ја и Исламската држава.
Пропагандата на руски јазик се шири на интернет и покрај напорите на администраторите на социјалните мрежи да ја блокираат. Таа е наменета за муслиманските заедници на глобално ниво кои зборуваат руски, и е дизајнирана да достигне до урбаните центри и руралните подрачја.
Експертите велат дека младите луѓе и самохрани мајки се најранливи цели.
На неодамна постирано видео се гледаат сцени од војна, придружени со цитати од Куранот кои ги повикуваат „мрзеливите“ да дојдат и да се борат. Тие ветуваат спасение и награди на небото на оние кои ќе одговорат на џихадот и „вечен пекол“ за оние кои го игнорираат повикот.
Професионална продукција
Од појавата на контингентот на Исламската држава кој користи руски јазик, видео и аудио продукцијата помина од аматерска до професионална фаза, со новоформиран тим за пропаганда на руски јазик. Од средината на 2015 година материјалот е технолошки се пософистициран и се состои од дневна радио програма и голем број пропагандни видео снимки.
Некои од видеата се преводи од оригиналните верзии на арапски јазик.
Наоѓање на корисници на социјалните медиуми
Страните на руски јазик од Исламската држава се појавуваат и исчезнуваат, понекогаш и во исти ден бидејќи администраторите на социјалната мрежа брзо ги затвораат.
Но овие краткотрајни пропагандни проекти имаат и план Б: „и не треба да ги снема“, преку линк на секоја страница кој води до друга страна.
За да ги следат екстремистичките групи на интернет, руските безбедносни и разузнавачки служби користат програма наречена „Лавина.“ Програмата собира податоци за регрутирањето и финансирањето на терористичките организации.
Но, додека руската влада вели дека десетици илјади домени, блогови и профили на социјални медиуми се блокирани или забранети, пропагандата на Исламската држава продолжува да се шири.