Дијаспората од Северен Кавказ во Европа претежно е муслиманска заедница од неколку стотици илјади луѓе расфрлени низ целиот континент. Стотици од нив заминале на Блискиот Исток да се борат во редовите на Исламската држава. Додека повеќето од нив биле искористени како „топовско месо“ од терористичката група, некои се искачиле на највисоките позиции во хиерархијата.
Аналитичарите тврдат дека многу чеченските борци се релативно искусни за борба заради учеството во конфликтот против Русија кој се одвива од 90-тите години на минатиот век. Конгресната истражувачка служба на САД во најновиот извештај наведува дека „поради тоа чеченските борци може да преземат поголема лидерска улога во рамките на екстремистичките групи.“
Околу 5.000 граѓани на Европската унија го напуштиле континентот за да се борат во Сирија и во Ирак, според Европол, агенцијата за спроведување на законот на ЕУ.
Со губењето на територијата под контрола од Исламската држава во Сирија и Ирак и постепеното слабеење на организацијата, прашањето за враќањето на поранешните борци предизвикува безбедна загриженост. Во меѓувреме, расте бројот на терористички напади врз цели на Запад. Како што покажаа неодамнешните напади во Брисел, во спроведувањето на таквите операции тенденција е да се користи втора или трета генерација мигранти, кои обично веќе се граѓани на тие земји. Овие карактеристики се однесуваат и на членовите на дијаспората од Северен Кавказ во ЕУ, и како што беше случајот со бомбашкиот напад на бостонскиот маратон, САД не се имуни на таквите напади.
Од чеченските до сириските боишта
Незадооволството од Русија го олеснува врбувањето на Чеченците и мигрантите од Северен Кавказ кои во моментов живеат во Западна Европа, вели Норвежанецот Петер Нисер истражувач и автор на книгата „Исламски тероризам во Европа.“
Многумина доаѓаат од семејства кои имаат поплаки во врска со конфликтите во Чеченија и прогонот од страна на руските власти, кои може да бидат искористени од оние кои ги регрутираат.
Руската колонизација на Северен Кавказ произведе два одделни бранови на бегалци. Првиот бран се состои од оние протерани во 19 век од страна Русија во регионот на Отоманската империја. Тоа создаде дијаспора во Блискиот Исток која денес брои милиони. Потомците од оваа „стара“ дијаспора се значително застапени во различните бунтовнички групи кои се борат против режимот на Асад од почетокот на граѓанската војна во Сирија.
Вториот, понов бран на Северен Кавказ, заминале во Западна Европа и Соединетите Американски Држави - резултат на двете војни во Чеченија од 1990-2000 и она што некои набљудувачи велат дека е репресивната политика на Кремљ.
Заедницата на Чеченците неодамна формирана во Европа изнесува повеќе од 200.000 луѓе, според Марибек Вачагаев, експерт од Фондацијата Џејмстаун од Вашингтон, со седиште во Париз. Нема официјални оценки колку луѓе од дијаспората во Европа ја напуштиле Европа за да се приклучат на џихадистичките групи кои се борат во Сирија и Ирак.
Меѓутоа, Меѓународната кризна група објави дека чеченската дијаспората во Европа е клучен центар за регрутирање. Вачагаев проценува дека секој командант кој моментно се бори за Фронтот ал Нусра или други групи против Асад може лесно да има 250 чеченски милитанти под негова команда.
Првата група на Чеченци од Европа кои отишле да се борат во Сирија биле образовани луѓе кои направиле „свесен избор“ за да се приклучат на џихадот, вели Вачагаев за Гласот на Америка. „Тие не се необразовани, сиромашни млади луѓе, туку зрели луѓе, од кои многумина би ги нарекол интелигенција“ вели тој.
Нисер смета дека крајот на војната во Чеченија придонел за протокот на чеченските борци на Блискиот Исток. „Целокупното присуство на чеченските џихадисти во Сирија се зголемила со нивното враќање дома, што ги поттикнува да се борат на друго место“, рече тој.
Примерот Ал Шишани
Експертите велат дека многу странски борци од Европа се приклучиле на чеченските џихадистички фракции во Сирија.
„Чеченците бараат такви фракции во согласност со заедничкиот модел каде што странски борци се организираат според етнички и јазични линии, вели Нисер.
Една таква фракција беше предводена од Абу Омар ал Шишани, Чеченец роден во Грузија кој служел во армијата на Грузија за време на кратката војната против Русија во 2008 година пред да замине да се бори во Сирија.
Тој подоцна станал врховен воен командант. Официјални лица од одбраната на САД велат дека Ал- Шишани е пример кој ги мотивира и другите да се приклучат на војната во Сирија. Тој починал од повреди здобиени при американски воздушен напад извршен во почетокот на март. Вачагаев не верува дека Абу Омар ал Шишани е мртов.
„Братот на Шишани секогаш е до него и често се јавува на својот татко во селото Панкиси во Грузија, вели Вачагаев. Ако извештајот за неговата смрт стасала до неговиот татко, тој ќе биде должен да објави жалост за селаните, но тоа не се случило досега“.
Експертите велат дека ако се потврди смртта на Ал- Шишани тоа може да предизвика борба за власт, и дека повеќето од чеченските борци ќе се свртат против групата за тоа кој да го замени.
Додека илјадници милитанти од Северен Кавказ се борат заедно во Сирија, некои влијателни групи таму се борат и против владата на Асад и против ИСИС. Една таква група е Кавкаскиот Емират во Шам (Сирија) – мултиетничка група која вклучува многу лица од Кавказ, и е изградена врз остатоците на Кавкаскиот Емират и се појави во Русија во 2007-та година, но во голема мера беше уништена од страна на руските безбедносни служби до 2012 година. Кавкаскиот Емират во Шам ја „мрази ИСИС, тие се непријатели и жестоко се борат едни против други“, вели Јоана Паразчук, експерт за исламскиот тероризам за Радио Слободна Европа-Радио Либерти. За таквите групи вели таа, Русија и понатаму останува најголем непријател.
Разочарани повратници
Поголемиот дел од Чеченците од Европа кои отишле да се борат во Сирија загинаа вели Вачагаев, но неколку се вратиле „длабоко разочаран од дихотомијата помеѓу нивните идеалистички перцепции и она што го виделе во реалноста“. Повратниците станале најефикасни анти- пропагандни активисти со она што го доживеале во Сирија и што брзо се шири низ чеченските заедници.
„Приказните раскажани од страна на повратниците станаа значаен фактор во намалувањето на бранот на регрутирање на Чеченците од Европа“, вели Вачагаев.
Некои европски Чеченци се уште заминуваат во Сирија, додаде тој, но во многу помал број.
Странските борци кои се движат во меѓународниот тероризам, по напуштањето на Сирија се особено опасни, заради нивните вештини, вели Нисер. „Тие, исто така, може да функционираат како работодавци и мрежни претприемачи, заради нивното искуство и статус“ вели тој.
Властите на ЕУ одговорија на заканата од враќањето на странските борци со различни мерки, вклучувајќи и зголемување на надзорот. Некои земји членки на ЕУ веќе спроведуваат легислатива на Листа на патници (ПНР), предложена од Европскиот парламент што ги обврзува авиокомпаниите да ги обезбедат земјите од ЕУ со податоци за патниците, и да им дозволат на органите систематско следење и собирање на информации за авионските патници. Други земји членки на ЕУ велат дека се` уште го тестираат системот. Марибек Вачагаев вели дека сите европски Чеченци се под постојан надзор. „Луѓето се плашат да одат во Турција во посета на пријатели и роднини, бидејќи тоа се смета за традиционален пат кон Сирија“, рече тој.
Тој додава дека според неговото знаење ниту еден од чеченските милитанти кои се вратиле во Европа од Сирија и Ирак не ги избегнале властите. „Сите се уапсени или притворени“, рече тој.