Затворена балканската рута за мигранти

Во Грција остануваат заглавени над 42 илјади мигранти кои се надеваат да стасаат во Западна Европа.

Помошничката државна секретарка на САД за европски и евроазиски прашања, Викторија Нуланд денеска го посети граничниот пункт кај Гевгелија и се сретна со безбедносните лица кои ја држат затворена македонско - грчката граница. По посетата на бегалскиот камп во Идомени, на грчка страна, и на кампот во Гевгелија на македонска страна, таа не дала изјава за медиумите.

Во меѓувреме, австриската министерка за внатрешни работи Јохана Микл - Лајтнер кажа дека балканската мигрантска рута мора да остане затворена откако Словенија, Македонија, Србија и Хрватска ги затворија границите неделава за сите мигранти, освен оние кои планираат да бараат азил во рамки на нивните граници.

Микл – Лајтнер тоа го изјави за германскиот весник Ди Волт велејќи дека патот треба да биде затворен засекогаш.

Поврзано со ова, турските новински агенции известуваат дека пет мигранти, вклучувајќи и три месечно бебе се удавиле во водите на западниот брег на Турција, откако бродот што ги превезувал до Грција, потонал на пат кон островот Лезбос.