Победа на Сандерс во Мичиген

Сенаторот од Вермонт Берни Сандерс постигна изненадувачка победа на демократски прелиминарни избори во северната сојузна државата Мичиген, додека кај републиканците Доналд Трамп ја прошири својата предност со победите во Мичиген, Мисисипи и Хаваи.

Анкетите покажуваа дека поранешната државна секретарка на САД, Хилари Клинтон има големо водство и дека е фаворит за победа во Мичиген, но Сандерс доби 50 проценти од гласовите. Клинтон лесно победи на другото гласање, во јужната сојузна држава Мисисипи.

Сандерс изјави дека победата во Мичиген значи дека неговата „политичка револуција“ е силна низ целата земја, и дека тој верува дека неговата кампања е најсилна во државите кои се уште не гласале.

Клинтон во Кливленд, Охајо им порача на гласачите дека таа е горда на кампањата која таа и Сандерс ја водат. Охајо е една од петте држави каде ќе се гласа на демократски прелиминарни избори следната недела. Таа направи споредба со републиканската кампања, каде што кандидатите жестоко се напаѓаат помеѓу себе.

Клинтон е во големо водство по бројот на делегатите и покрај поразот во Мичиген, каде таа доби приближно ист број на делегати како и Сандерс.

Републиканските лидери започнаа голем напор во обид да го запрат Трамп, велејќи дека тој е непредвидлив, и ќе изгуби на ноемвриските претседателски избори, ако Клинтон е биде кандидат од демократската партија.

Неколку организации кои се спротивставуваат на Трамп веќе трошат милиони долари на реклами против него, главно во Флорида и Илиноис.