ОН за ограничувањата на бегалците по балканската рута

Бан Ки-мун загрижен за воведувањето на нови рестрикции од страна на Австрија, Словенија, Хрватска, Србија и Македонија.

Во соопштението на портпаролот на Генералниот секретар Бан Ки-мун стои дека ограничувањата воведени од страна на Австрија, Словенија, Хрватска, Србија и Македонија ја кршат Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година и Протоколот од 1967 година, бидејќи оневозможуваат поединечно утврдување за статусот на бегалец и индивидуална проценка за потребата од заштита.

Генералниот секретар наведува дека бројот на баратели на азил кои влегуваат во Грција од Турција продолжува да расте со несмалено темпо и дека затворањето на границите создало тешка ситуација во Грција. Во меѓувреме, Турција веќе е домаќин на 2,6 милиони бегалци.

Во соопштението стои дека Бан Ки-мун свесен за притисокот врз многу европски земји, но ги повикува земјите да ги држат своите граници отворени во духот на споделување на одговорност и солидарност, вклучувајќи го и проширување на правните можности за барателите на азил.

Генералниот секретар потсети дека поголем дел од бегалците се примени од страна на земјите во развој и повика на глобална одговорност.

Бегалската криза се очекува да биде едно од клучните прашања на Самитот за бегалци на Генералното собрание кое ќе се одржи на 19 септември во Њујорк.