Грција го отповика амбасадорот во Австрија

Како причина за отповикувањето беше наведено исклучувањето на Грција од мигрантската средба во Виена

Неколку илјада бегалци се блокирани на границата на Грција со Македонија, откако во неделата беа воведени ограничувања за патување.

Македонија, Хрватска, Србија, Словенија и Австрија изгледа дека не дозволуваат влез на сите бегалци, со исклучок на оние од Сирија и Ирак. Ограничувањата создаваат хаос, вели Гема Гили од Лекари без граници, која зборуваше за Гласот на Америка, од бегалскиот камп Идомени преку Скајп.

„Врз база на фактот дека Авганистанците претставуваат 30 проценти од вкупно пристигнатите во Грција, за пет дена од сега сите прифатни објекти низ Грција ќе бидат полни“, кажа Гили.

Медицински лица од Лекари без граници, велат дека се третирани стотици луѓе кои се повредени од бруталноста на полицијата во Македонија, вклучувајќи и каснувања од кучиња.

Мигрантите на кои не им е дозволен влез се вратени назад во Атина.

Грчкиот премиер предупреди дека нема да дозволи земјата да биде претворена во „складиште на души“.

Мнозинството членки на ЕУ минатата година гласаа за релоцирање на 120.000 бегалци низ целиот блок, но неколку источноевропски држави одбиваат да ја прифатат квотата.

Од друга страна, Германија се очекува да прими 3,6 милиони бегалци до 2020 година, според внатрешна владина проценка објавена во локални медиуми.

На Самитот за мигранти во Брисел, во четвртокот, на кој Грција не беше вклучена, германскиот министер за внатрешни работи Томас де Маизиере изјави дека приливот на мигранти мора да биде запрен.

Тој рече дека заедничка цел е „да се зајакне надворешната граница помеѓу Грција и Турција до степен на значително намалување на бројот на бегалци.“

Претседателот на европскиот совет, Доналд Таск, предупреди дека неуспехот да се реши мигрантската криза може да ја зголеми веројатноста Велика Британија со гласање да ја напушти ЕУ на референдумот закажан за јуни.