Ранд Пол се откажа од претседателската трка

Републиканскиот сенатор од Кентаки, Ранд Пол, либертаријанец по убедување кој често се противи на американската воена интервенција во странски конфликти се откажа од трката за републиканска претседателска номинација на изборите во 2016-та година.

Пол кој по професија е офталмолог доби мала поддршка во републиканската кампања во која во моментов доминираат милијардерот со недвижности Доналд Трамп и двајца конзервативни сенатори, Тед Круз од Тексас и Марко Рубио од Флорида. Пол заврши петти во понеделничкото гласањето во сојузната држава Ајова, освојувајќи само 4,5 проценти од гласовите во партиските кокуси.

Пол годинава ќе се соочи со тешка борба за реизбор во сојузната државата Кентаки за да го задржи своето сенатско место за шест годишен период.

„Борбата е далеку од завршена“, рече тој на крајот на претседателската кампања „Ќе продолжам да го носат факелот на слобода во Сенатот на САД и со нетрпение очекувам да ја освојам привилегијата за да ги претставувам граѓаните на Кентаки во уште еден мандат.“

Во една од законодавните расправи во 2013-та година, Пол говореше пред Сенатот речиси 13 часа спротивставувајќи се на политиката на претседателот Барак Обама за употреба на беспилотни летала во нападите против осомничени терористи.

Маратонскиот говор му донесе поддршка од многумина кои се противат на американските воени операции, но не ја доби поддршката во републиканската претседателска кампања, каде што неговите противници редовно повикуваат на поширока воена акција против Исламската држава, која не би била ограничена само на воздушни напади како што ја спроведува претседателот Барак Обама.