СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се судрија по првата одлука на новиот министер за внатрешни работи

  • Борјан Јовановски

Како министер за внатрешни работи избран со Одлуката за избор на членови на Владата на РМ, врз основа на законските овластувања, информирам дека сите пренесени овластувања од министрите за внатрешни работи кои раководеле со МВР до денот на донесувањето на наведената одлука за избор на членови на Владата на Република Македонија, престануваат да важат, пишува во известувањето.

Со реакција на својот ФБ профил се огласи поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.Техничкиот министер Оливер Спасовски само по неполни 24 часа од стапување на функција направи хаос во Министерството за внатрешни работи, спротивно од законот доцна попладнево испратил итна телеграма до сите вработени дека им ги одзема ингеренциите, напиша на својот ФБ профил Јанкуловска.

Во одбрана на Спасовски застана неговата партија СДСМ. Тие во соопштение изјавија дека Спасовски во МВР не создава хаос туку дека го средува затекнатиот хаос.

Одлуката на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, дека престануваат да важат сите пренесени овластувања од министрите кои раководеле со МВР од денот на изборот на новиот министер е за да се спречат сите злоупотреби“, се наведува во соопштението од СДСМ.

Како што наведуваат од партијата, граѓаните слушнаа од проектот Вистината за Македонија какви се злоупотреби се правеле токму под Министерството за внатрешни работи, почнувајќи од незаконското прислушување па се до функционирањето на целото министерство како штаб на ВМРО-ДПМНЕ за време на изборите.

„Нема никаков хаос во Министерството за внатрешни работи, туку воведување законски ред и обезбедување на целосно почитување на законите, транспарентното и одговорно работење на МВР во интерес на граѓаните. Нема веќе ВМРО-МВРО. Нема веќе злоупотреба на државните институции. Министерството за внатрешни работи, како државна институција, ќе им служи на сите граѓани во Македонија, а не само на една партија како досега“, се додава понатаму. Со критики кон Спасовски и неговата партија истапи владејачката ВМРО ДПМНЕ.

СДСМ не издржа ни два дена, а веќе покажа како ќе го политизира Министерството за внатрешни работи од штабот на „Бихаќка“ во наредните 6 месеци, реагира владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Со партиско соопштение СДСМ се обиде да го одбрани Спасовски од медиумите кои ја објавија неговата прва одлука на Спасовски како министер да си приграби ново модерно „Ауди“ за свој службен автомобил.

Со партиско соопштение СДСМ се обиде да го одбрани Спасовски од медиумите кои објавија дека како министер си обезбедил дипломатски пасош за кој не сакал ниту да се слика „како сите смртници“ туку наредил опремата за сликање да биде однесена во неговиот кабинет.

Со партиско соопштение СДСМ се обиде да го одбрани Спасовски од медиумите и за третата одлука како министер, односно телеграмата што беше објавена и со која го развластил цело МВР, парализирајќи ја полицијата и доведувајќи ја Македонија во опасност.

Три одлуки на новиот министер, три партиски соопштенија во одбрана на неговата партиска агенда во МВР.

За помалку од 24 часа Спасовски започна со спроведувањето политизацијата на МВР, според партиските насоки.“ се вели во соопштението на владејачката партија.

Околу спорот дали Спасовски има или не право да одзема ингеренции побаравме мислење од поранешниот министер за внатрешни работи сега пратеник Павле Трајанов.

Со Законот на органите на управата и Законот за министерство за внатрешни работи, министерот е тој што ги изречува сите мерки. Негово право е дали дел од тие негови овластувања ќе ги пренесе на други, или пак нема, вели поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов и додаде дека ако министерот проценил дека во овој момент треба да се одземат овластувањата на сите раководители во МВР тогаш така треба и да биде. Оваа мерка е преземена најверојатно од недоверба, веројатно смета дека се недоверливи луѓето поставени од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, рече Павле Трајанов.