Живот на минимум во Македонија

  • Соња Трајковска
Политичарите, работниците и работодавачите поделни за тоа колку треба да биде минималната плата во Македонија.

Одгледување цвеќе во Холандија, берење јагоди во Финска, работа во хотели во САД, работа на крузери или во елитни хотели во Дубаи. На вакви сезонски работи во странство се одлучуваат голем број

македонски граѓани, главно млади или невработени. Не можноста да најдат работа во својата струка дома, но пред се ниските плати се главната причина зошто тие заминуваат од земјата. Минималната загарантирана плата во Македонија е 9.500 денари, што е помалку од една третина од она што Државниот завод за статистика пресметал дека му е неопходно месечно на едно четиричлено семесјство – нешто повеќе од 32.000 денари, додека просечната плата според истиот извор е околу 24.000 денари.

Неодамна, опозицијата, во Собранието предложи закон за зголемување на минималната плата на 11.000 денари, со образложение дека тоа иако во мала мерка, сепак може да влијае на подобрување на стандардот на граѓаните. Но, од страна на власта беше отфрлен како „популистички и неиздржан“. За синдикалните здруженија, потегот не бил изненадувачки.

„Со неприфаќањето на овој предлог освен што уште еднаш демонстрираа дека не се грижат за сиромашните, владејачките партии уште еднаш покажаа и дека не знаат за економијата. Зголемувањето на минималната плата ќе водеше до повисок економски раст, преку зголемената потрошувачка, и преку намалената сиромаштија и нееднаквост“, вели Бранимир Јовановиќ, од граѓанската организација „Солидарност“.

Македонија на дното на листата во регионот

Во статистиката на Организацијата за економска соработка и развој за 2013 година, Македонија не е рангирана. Но затоа во Албанија минималната плата е 160 евра, во Србија 180 евра, во Хрватска 400 евра. Во Македонија текстилните работници примаат минимална плата од 8.050 денари, а останатите 9.590 денари. Според Законот за минимална плата, таа од 2016 ќе се зголеми на 10.080 денари. Економистите признаваат дека ниту предложените 11.000 денари немало многу да го подобри стандардот, туку тоа може да се направи само со радикални промени, укажуваат економистите.

„Во ситуација кога сиромаштијата и нееднаквоста ни се највисоки во Европа, минималната плата едноставно мора да се зголеми посериозно. За вработеноста, јас сум голем скептик дека таа навистина расте толку многу колку што владата постојано истакнува. Според мене, вработеноста расте само на хартија, заради префрлање од неформален во формален сектор, и заради помалиот одзив на анкетата од која се пресметува вработеноста. Странските фабрики се приказна за себе. Ослободени се од сите давачки и добиваат огромни субвенции“, вели Јовановиќ.

Токму во контекст на платите и странските инвестиции во слободните економски зони, деновиве е објавена анализа на Здружението на млади аналитичари и истражувачи (ЗМАИ), според која вработените таму во просек земаат пониски плати од останатите вработени во државата. Пресметките, се наведува во анализата, се направени врз основа на податоци извадени од годишните извештаи на компаниите.

„Помеѓу просечната плата на овие вработени и просечната плата на ниво на Македонија во 2014 година има разлика од околу 5000 денари. Според Државниот завод за статистика, просечната нето плата исплатена во државата е 21.393 денари, додека во овие 9 странски компании што беа дел од нашето истражување е 16.143 денари“, вели Горан Мојаноски од ЗМАИ.

Најслабо се платени работниците на Џонсон Контролс во Штип, каде просечната плата е под 200 евра. Нешто повисоки се платите во Кромберг и Шуберт и во Дрекслмајер. Плати на ниво на државниот просек се делат во Ван Хол, Продис, Кемет Електроникс и Витек, додека највисока просечна плата од околу 500 евра има во Џонсон Мети и во Вистеон Електроникс.

Од Организацијата на работодавачите на Македонија (ОРМ), пак се спротивставуваат на практиката, минималната плата да се формира во Собранието. Велат, за тоа се потребни дополнителни анализи, бидејќи профитабилноста е различни во секоја гранка со што би можело да дојде до затворање на некои извозни компании.

„Ако ги разгледаме објективните факти за утврдување минимална плата, тогаш може да видиме која е вистинската плата, а не таа да биде донесена во Собранието. Бидејќи оваа висина може да претставува пречка и тешкотии за многу компании да затворат, бидејќи не можат да ја исплатат“, изјави Димитар Стојановски, директор на ОРМ, и предлага Владата да овозможи одредени даночни олеснувања или намалување на придонесите за да се овозможи поголема акумулација кај работодавачите и со тоа повисока минимална плата.

Некои фирми бараат работниците да вратат дел од платата

За дел од граѓаните со кои разговаравме, минималната плата не може да обезбеди ни минимум услови за живот.

„Со толку ниски плати, не само што не може да се живее, туку и стопанството не може да се развива. Поголеми плати значат поголема побарувачка, следи поголемо производство, следи поголема вработеност следи поголема благосостојба. Што можеме да купиме со 8.000 денари плата?“, вели Владо.

„Не знам за други градови, но во Скопје не се живее ни со плата од 12.000 денари. Дури познавам луѓе што одбиваат да работат за плата под 15.000 денари“, вели Валентина.

„Ова важи само доколку имаш роднини во странство, родителите ти даваат голема сума на пари за да ти ги покријат дупките - јадење, сметки, бензин за колата и евентуално ти ја препишале куќата бидејќи стан или куќа со овие пари не можеш ни да купиш ни да градиш“, вели Мето.

Но, Здружението за социјална правда „Ленка“ излезе со фрапантен податок дека некои фирми, откако ќе исплатат минимална плата, бараат од работниците да им вратат дел од неа.

„На овој начин се крши Законот за минимална плата. Ние ги охрабруваме работниците да ги пријавуваат ваквите случаи, но се добива впечаток дека тие се уплашени и дека ја изгубиле вербата во институциите“, вели Дејан Лутовски од „Ленка“.

Од Невладината „Солидарност“ пак ги повикуваат работниците да го пријават секој ваков случај, бидејќи како што велат „ако анонимно пријават во Трудовата инспекција, таа не е должна по анонимен повик да достави повратна информација“.

Според податоците на здруженија од Трудовата инспекција, ниту една фирма досега не е казнета поради непочитување на Законот.