Нов наплив од бегалци и мигранти кон Европа

Агенцијата на ОН за помош на бегалците, предупредува дека Грција не може да се справи со новиот бран поради недостиг на соодветни прифатилишта

Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) соопшти дека во Грција пристигнуваат бегалци и мигранти во многу поголем број отколку што можат да бидат прифатени. А тоа ја зголемува напнатоста, насилството и хаосот.

Според УНХЦР, насилството помеѓу толпата на островот Лезбос се влоши во четвртокот кога вработените беа принудени да се евакуираат од нивните работни места. Ова се случуваше додека илјадници бегалци и мигранти пристигнуваа преку море од Турција.

Агенцијата вели дека порастот на бројката на мигранти по морски пат за време на изминатите неколку дена, го зголеми и бројот на жртви. Тамошните власти јавија дека во еден инцидент, седум луѓе се удавиле во судар на брод што криумчари луѓе и пловило на грчката крајбрежна полиција.

Портпаролот на УНХЦР, Адриан Едвардс, вели дека нередот може да биде избегнат со отварање на соодветни прифатилишта, каде ќе се евидентираат илјадниците очајни луѓе што пристигнуваат во Грција.

УНХЦР соопшти дека повеќе од 100 луѓе го загубиле животот обидувајќи се да преминат од Турција во Грција оваа година, додека повеќе од 3100 се водат за исчезнати низ Медитеранот.

До сега, повеќе од 450.000 бегалци и мигранти по морски пат пристигнале во Грција, предизвикувајќи огромен товар врз локалните заедници.

Европската Унија се согласи да отвори прифатилишта, нарекувајќи ги жешки зони, како што е на островот Лезбос. Засега проектот не реализиран.

УНЦХР потенцираше дека е алармантна итност и многу е значајно да се отворат овие центри за соодветно справување со луѓето, и да се види кој има потреба од азил, а кој не.

Од оваа Агенција посочуваат дека соодветен процес на регистрирање е од големо значење за успешно релоцирање на зацртаната бројка од 160.000 бегалци, главно од Сирија, Авганистан и Ирак во земјите на Европската Унија.