Охрид: Бегалскиот бран ќе продолжи да расте

  • Сашо Митан
Кризата е сериозна глобална безбедносна закана, беше еден од заклучоците на меѓународната конференција

Бегалскиот бран ќе продолжи да расте и во текот на следните неколку месеци, а кризата е сериозна глобална безбедносна закана која бара поголемо внимание од страна на меѓународната заедница.

Ова е еден од заклучоците на дводневната меѓународна конференција, која во организација на Маршал центарот - Македонија и НАТО се одржува во Охрид.

- Нема знаци дека миграцијата ќе запре, што значи дека напливот ќе расте. Овој проблем може да се реши само со заеднички одговор на ЕУ, но не само на земјите членки на унијата, туку и на земјите партнери, смета Давид Горонбеи од унгарското МНР.

Според Џејмс Шерока, универзитетски професор од САД, станува збор за светски проблем, кој заслужува внимание не само од земјите на Западен Балкан и ЕУ, туку и од ОН.

„Трагично е да се гледаат овие луѓе кои одат од граница до граница без сигурност дека ќе стигнат до нивната цел. Македонија направи многу за да им помогне на мигрантите, но овој проблем треба да се реши на поинаков начин“, вели Шерока.

На конференцијата стана збор и за транснационалните закани со посебен фокус на мигрантската криза. Се очекува да бидат усвоени препораки за подобрување на безбедносните капацитети на државите-членки на алијансата и нејзините партнери за справување со современите предизвици.

Од УНИЦЕФ објавија дека децата и жените се 30 проценти од вкупниот број бегалци и мигранти, кои по интензивирањето на бегалската криза се на пат кон Западна Европа. Од високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) информираат дека повеќе од 300.000 мигранти го преминале Средоземно Море од јануари досега.