Трамп во центарот на првата републиканска дебата

Милијардерот Доналд Трамп покажа дека нема да исчезне во скоро време и дека жестоко ќе одговара на нападите.

Главните десетмина републикански претседателски кандидати од САД официјално ја започнаа кампањската сезона 2016-та со нивната прва дебата во Кливленд, Охајо.

Милијардерот Доналд Трамп покажа дека нема да исчезне во скоро време и дека жестоко ќе одговара на нападите. Но Трамп можеби создаде дилеми кај некои републиканци во врска со неговата лојалност на партијата. Тој беше единствениот кандидат на бината кој одби да вети дека ќе го поддржи евентуалниот републикански кандидат што партијата ќе го номинира, ниту пак ја отфрли можноста дека за кандидирање надвор од Републиканската партија. „Јас нема да ветам во овој момент“, кажа Трамп на инсистирање на еден од модераторите.

Тоа предизвика силна реакција кај сенаторот од Кентаки, Ранд Пол. „Тој веќе ги осигурува своите облози, зашто е навикнат на купување политичари“. Но всушност Пол беше еден од неколкуте кои отидоа во офанзива против Трамп во двочасовната дебата.

Енергичниот Трамп исто така одби да се извини кога беше испрашуван од модераторката Мегин Кели од Каналот Фокс Њуз за неговите навредливи коментари за жени, со зборови како „дебели свињи„, „кучиња“ и „мрзи“.

„Голем проблем на оваа држава е политичката коректност“, кажа Трамп. „Јас немам време за тотална политичка коректност. И да бидам сосема искрен, оваа држава исто така нема време“.

Но некои од фокус групите на гласачи прашани од Каналот Фокс Њуз по дебатата имаа негативни реакции на тонот на Трамп и на тоа што го виделе како избегнување на одговор на некои прашања.

Илегалната имиграција – точка на вриење

Трамп ги бранеше претходно дадените контроверзни забелешки за илегалните имигранти од Мексико, опишувајќи некои од нив како „криминалци“ и „силеџии“. Трамп во дебатата кажа „Ако не беше заради мене, вие нема да разговаравте за илегалната имиграција“. Поранешниот гувернер од Флорида Џеб Буш се спротивстави на неговиот „тон“ кога зборуваше за имиграцијата.

Во дебатата, Буш кажа дека јазикот на Трамп го смета за „разединувачки“ и дека стои зад својот став дека имигрантите кои се обидуваат дојдат во САД тоа го прават „од љубов“. Сенаторите Марко Рубио од Флорида и Тед Круз од Тексас исто така поттикнаа подобра контрола на американските граници како дел од дискусијата за имигрантите.

Прашања од надворешната политика

Неколкумина од учесниците силно ја критикуваа администрацијата на Обама во врска со нуклеарниот договор и за напорите за спротивставување на Исламската држава. Круз кажа дека САД нема да бидат победници додека не добијат претседател расположен да „ги изговори зборовите радикални исламски терористи“.

За иранскиот договор, гувернерот од Висконсин Скот Вокер кажа дека „ќе го поништи на првиот ден“ на функцијата.

При една од пожестоките размени вечерта, Ранд Пол и гувернерот на Њу Џерси Крис Кристи се препукуваа во врска со балансирањето на одбраната на државата од терористички напад со заштитата на Повелбата на правата.

„Сакам да соберам повеќе податоци од терористите, а помалку од обичните Американци“, кажа Пол, кој е голем критичар на нерестиктивното собирање телефонски податоци од страна на Агенцијата за национална безбедност.

Гувернерот Кристи врати нарекувајќи го одговорот на Пол „комплетно апсурден“.

„Знаете, сенаторе, кога седите во поткомисија што само зборува за ова, може да кажете вакви работи. Кога сте одговорни за заштита на животот на Американците тоа што треба да го направите е да обезбедите системот да работи така како што треба“, рече Кристи.

Размената беше одраз на се` поширокиот јаз во рамки на Републиканската партија меѓу оние кои се залаат за поконзервативна политика на национална безбедност и оние кои преферираат полиберален пристап.

Буш: Горд сум на брат ми

Поранешниот гувернер на Флорида Џеб Буш, кој нашироко се гледа како фаворит на естаблишментот на републиканци, призна дека мора да се диференцира од брат му, поранешниот претседател Џорџ В. Буш, и од неговиот татко, екс-претседателот Џорџ Х. В. Буш.

„Јас ќе треба ова да го заработам“, кажа Буш. „Можеби пречката за мене е поставена уште повисоко. И во ред е. Јас имам постигнато нешто во Флорида. Се гордеам со татко ми, и се гордеам со брат ми“.

Нагласувајќи една политичка разлика со неговиот брат, Буш призна дека инвазијата на САД во 2003 врз Ирак била „грешка“ но го обвини претседателот Барак Обама за последователен подем на Исламската држава, или ИСИС.

„Барак Обама стана претседател и го напушти Ирак“, рече Буш. „ ИСИС беше креиран заради празнината што ја оставивме, и таа празнина сега постои како калифат во величина на Индијана“.

Една работа е сигурна: иранскиот договор и борбата против ИСИС ќе останат клучни прашања во претседателската кампања во догледна иднина.

Прв тест

Кливлендската дебата беше прв поголем тест за републиканските кандидати. Но барем уште осум дебати се закажани и има голем број можности гласачите да оценат за што се залагаат кандидатите.