„Амбасадата на САД ја поздравува акцијата на Министерството за внатрешни работи, што беше изведена ова утро против лица за кои постојат сомневања дека се терористи и дека помагаат тероризам. Информирани сме дека оваа операција беше резултат на долготрајна и внимателна истрага од страна на полицијата, разузнавачките служби и Канцеларијата на јавниот обвинител, и тоа во согласност со новите македонски закони против тероризам. Ја поддржуваме Владата што користи кривично-правни постапки за да се запре приливот на терористички борци во конфликтните региони, за да се сосече напливот на насилство, и за агресивно да се спротивстави на насилниот екстремизам“, се вели во соопштението на Амбасадата на САД во Македонија по повод денешната акција на силите на македонското Министерство за внатрепни работи.
„Самиот факт што има такви поединци или групи кои учествувале или се повратници од боиштата, само по себе претставува индикатор врз основа на кој ние можеме да влечеме проценки дека се можни напади во Република Македонија“, потенцираше и министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, по денешната полициска акција во неколку градови во Македонија која е медиумска топ-тема на денот.
Во соопштението на американската амбасада се вели и дека акција на македонската полиција „претставува придонес кон регионалните и глобалните напори да се стави крај на злото на тероризмот“.
Под кодното име „Ќелија“ во акцијата која ноќта меѓу средата и четвртокот ја извело Министерството за внатрешни работи, се уапсени девет лица, кои се осомничени како структури на „Исламската држава“ во Македонија што врбувале членови на паравоените формации на Блискиот Исток. Поднесена е кривична пријава за 36-мина осомничени, според новиот член од Кривичниот законик со кој се санкционира одење на странски фронтови или организирање и регрутирање за паравоени странски структури, но 27 од осомничените се недостапни и се претпоставува дека во моментов се на некој од фронтовите. Полициски претреси се извршени и во Јаја Пашината и Тутунсез џамијата, во едно Интернет кафе, во 24 приватни куќи и во просториите на две невладини организации во Скопје, како и на одредени локации во Гостивар, Струга, Тетово и Куманово. Сите уапсени се македонски државјани од различно етничко потекло, а за уште најмалку 20 лица од Македонија, МВР има сознанија дека се на боиштата во Сирија . Според медиумски информации кои се повикуваат на извори во МВР, околу 130 државјани на Македонија досега биле или се` уште се наоѓаат на фронтовите во Сирија и Ирак.
Денес уапсените се изведени пред судија за претходна постапка. Според медиумите, дел од осомничените имале врски и контакти со 16-мината убиени македонски државјани во редовите на ИСИС. Во операцијата „Ќелија“ уште од септември 2014, полицијата собирала информации за исламски радикали кои организирале пат на македонски државјани кон боиштата во Сирија и Ирак.
Иако поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија, реис ул улема, Сулејман хаџи Реџепи минатата година побара полициска интервенција во Јаја-пашината и Тутунсез џамијата во Скопје, зашто, наводно, веќе не биле под контола на ИВЗ, туку на радиклани елементи, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска тогаш изјави дека МВР нема такви ингеренции. Според нејзиниот наследник, министерот Чавков пред изведувањето на денешната акцијата официјално била известена и Исламската заедница на Македонија, од која нема официјален коментар.
За еден од уапсените, имамот на џамиите Тутунсуз и Јаја Паша, Реџеп Мемиши, министерот изјави: „Според нашите информации и докази кои се првично обезбедени, тој се смета за еден од идеолозите и сметаме дека дополнително со анализа на доказите кои се обезбедени ќе се добијат уште поконкретни информации за неговиот ангажман,односно за неговата активност во регрутирање и координирањето на овие терористички мрежи“.
Иако допрва се очекуваат реакции и ставови на политичките чинители и на опиниомејкерите за акцијата на МВР против наводните терристи, аналитичарот Мерсел Биљали веќе изјави за Дојче Веле, дека „акцијата е наменета како покритие за актуелните проблеми во државата и претставува еден вид логичен континуитет на онаа импровизација што се случи во Куманово. Сето тоа има за цел од луѓето да направи овци, за лесно да го сврти нивното внимание од реалната криза, а да го маскира криминалот спакуван во патриотска амбалажа“.