Девет лица убиени во Јужна Каролина

Бело вооружено лице отворило оган врз учесници на молитва во историска црква на црнци, во Чарлстон

Продолжува потрагата во Чарлстон, Јужна Каролина, по вооруженото лице кое убило девет лица во историска африканско-американска црква во средата навечер, во напад што полицијата го истражува како криминал на омраза.

Шефот на полицијата во Чарлстон, Грег Мулен, на новинарите рано во четвртокот им кажа дека млад белец на околу 20-годишна возраст влегол во Африканската методистичка епископална црква на Емануел за време на неделната молитва и започнал да пука. Мулен кажа дека осум лица умреле во црквата, додека уште едно лице умрело откако било пренесено во болница. Властите пуштиле памфлет во јавноста со фотографии на осомничениот при влегување во црквата.

Новинските извештаи велат дека свештеник во црквата, кој служел во легислатурата на Јужна Каролина како сенатор, бил меѓу убиените во инцидентот. Уште неколку луѓе биле повредени.

Мулен кажа дека се верува оти лицето е исклучително опасно. Тој кажа дека пукањето е третирано како криминал од омраза, и дека агенти на ФБИ помагаат во истрагата.

Полицијата била принудена да ја евакуира околината на населбата во близина на црквата откако добила закана за бомба. Заканата потоа била симната.

Градоначалникот на Чарлстон Џозеф Рајли нападот го нарекол „несфатлива трагедија и акт што не може да се толерира“.