Русија предупредува против разместување американски сили во Источна Европа

Портпаролот на Пентагон кажа дека распоредувањето е исклучиво за потребите на обука, и дека се` уште е во разгледување.

Висок руски армиски претставник вели дека Москва ќе натрупа свои сили по должина на западните граници на државата доколку САД продолжат со планот трајно да стационираат тешко американско оружје и трупи во Источна Европа и во балтичките земји.

Новинската агенција Интерфакс во понеделникот цитираше висок претставник на руското Министерство за одбрана, генералот Јури Јакубов, како кажал дека доколку планот се реализира, тоа би било „најагресивен чекор на Пентагон и НАТО од Студената војна изминатиот век“, и дека Русија нема да има избор туку да ги згусне своите сили во таа насока.

Портпаролот на Пентагон полковникот Стив Ворен во понеделникот кажа дека планот за репозиционирање на тешката опрема и оружјето во источна Европа е „нешто кое го правиме“ за цели на обука. Тој кажа дека Одделот за одбрана се` уште разгледува локации. Запрашан за коментарите од Русија, тој кажа „ова е чисто разместување на опремата за подобро да се изведува обуката“.

Во саботата весникот Њујорк Тајмс извести дека доколку планот е одобрен од секретарот за одбрана Аш Картер и претседателот Барак Обама, САД ќе ги постават борбените возила и ќе распоредат околу 5.000 трупи во Бугарија, Естонија, Латвија, Литванија, Романија, Полска и можеби во Унгарија.