Револтирани граѓани пред Владата на Македонија

  • Борјан Јовановски
Демонстрантите го пробиле полицискиот кордон и ги спуштиле знамињата пред зградата на Владата на половина копје.

По објавата на денешната „бомба“ на опозицијата при што беа презентирани телефонски разговори меѓу високи функционери во владата во врска со случајот на убиеното момче Мартин Нешковски, поголема група на млади се собраа во знак на револт.

Повик на протест беше упатен од ФБ страницата „Правда за Мартин“. Околу 18.00 часот демонстрантите го пробија првиот полициски кордон пред Владата и влегоа во дворот на зградата каде наидоа на нов полициски кордон од специјалните единици на полицијата.

Во текот на попладнето бројот на револтирани граѓани се зголеми на повеќе стотици кои се` уште се пред Владата и, како што велат, немаат намера да си заминат.

Демонстрантите фрлаа јајца, домати и шишиња кон зградата на Владата, а граѓаните повикуваат на оставка од министерката Гордана Јанкулоска и премиерот Никола Груевски.

Граѓаните извикуваат „Убијци, убијци“, „Нема правда, нема мир“, „Оставка“, „Стоп за полициската бруталност“... Во неколку случаи дојде до турканици меѓу граѓаните и полицијата, но до 20.30 часот не беа забележани поголеми инциденти.

На протестите пред Владата се приклучи и Средношколскиот пленум, а најголемо внимание предизвика и семејство од албанска националност кое носеше албанско знаме и бебе во количка. Тогаш толпата почна да извикува „Заедно сме посилни“.

На протестот се појави и мајката на убиениот Нешковски која пред новинарите само кусо изјави дека е шокирана од она што денеска го презентираше опозицијата .

Граѓаните, во знак на револт, ги спуштија знамињата пред зградата на Владата на половина копје.