Могерини и Хан за кризата во Македонија

Двајца европски претставници денес коментираа на политичката криза во Македонија. Вишата претставничка за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини најави дека ќе постапи по препораката на Европскиот парламент (ЕП) да помогне во нејзиното решавање. Комесарот за европска политика со соседството и за преговори за проширување Јоханес Хан, пак, предупреди дека без решение, Македонија ќе ја загуби европската перспектива.

Одговарајќи позитивно на апелот од европратениците да се вклучи во решавање на кризата којашто, како што беше речено во Европарламентот, предизвикува загриженост, Могерини во Брисел рече дека Македонија се наоѓа на агендата на ЕУ како земја клучна за регионот.

„Ги прочитав препораките на Европскиот парламент, ја следам дебатата и подготвена сум тоа да го следам заедно со комесарот Хан. Нашата работа на Балканот е координирана и сигурна сум дека ќе остане на нашиот дневен ред”, рече Могерини.

Хан кажа дека внимателно го следи развојот на ситуацијата во Македонија и им порача на македонските политички субјекти дека најголемиот дел од работата да се надмине кризата е во нивни раце.

„Двете страни треба да направат чекори, треба да ја почитуваат правната држава, треба да го почитуваат судството, треба да ја почитуваат слободата на медиумите и треба да имаат исти политички стандарди во однос на работата на парламентот како што тоа е случај во други земји. Од тие причини, еминентни пратеници од Европскиот парламент исто така рекоа дека се подготвени да арбитрираат помеѓу различните партии во земјата”, изјави Хан.

Тој предупреди и дека доколку Македонија сака да ја задржи европската перспектива, потребно е проблемите да се решат во земјата и „да се вратите на адекватните меѓународни и европски стандарди“.

Минатата недела, претседателот на ЕК Жан-Клод Јунгер ја откажа претходно закажаната средба со македонскиот премиер Никола Груевски поради, како што беше соопштено, политичката ситуација во земјата. Денес во Скопје, амбасадорот Аиво Орав нагласи дека е време Македонија да покаже сериозна посветеност на реформите доколку сака да ја задржи европската перспектива.