Американски воен суд ја отфли осудата на поранешен притвореник во Гвантанамо

Австралијанецот Дејвид Хикс изјави дека нема да бара извинување ниту компензација за петте ипол години минати во затворот.

Дејвид Хикс беше првиот човек осуден од страна на американски суд за воени злосторства, од Втората светска војна, наваму.

Овој поранешен ловец на кенгури бил уапсен кон крајот на 2001-та во Авганистан, заедно со група талебански борци. Бил држен во притворниот центар на Заливот Гвантанамо од јануари 2002 до мај 2007-та година, каде се изјаснил за виновен за обезбедување материјална поддршка на терористи. Поднел жалба и по одредено време му било дозволено да се врати во родната Австралија и да отслужи уште девет месеци затвор.

Во средата, Апелациониот суд на американската армија ја отфрли неговата осуда, бидејќи активноста за која бил прогласен за виновен станала кривично дело неколку години откако бил уапсен во Авганистан.

Триесетидевет годишниот Хикс за време на прес-конференција во Сиднеј, изјави:

„Сигурен сум дека никој не е изненаден за денешната долгоочекувана потврда од страна на владата на САД, дека сум невин. Дури и австралиската влада призна дека не сум извршил кривично дело. Жално е што од политички причини, пет ипол години бев предмет на физичка и психичка тортура со која ќе се справувам до крајот на животот“, истакна тој.

Дејвид Хикс ретко се појавуваше во јавноста и останува поларизирана личност. За некои Австралијанци, тој е предавник кој признал дека го поддржувал екстремизмот, додека други веруваат дека е жртва на „груба правда“.

Во 2000-та година Хикс бил во Пакистан каде се обучувал со милитантната организација Лашкар-е-Таиба, што подоцна Вашингтон ја прогласи за странска терористичка организација. На почетокот на 2001-та Хикс престојувал во Авганистан и бил во камп за обука на Ал Каида. По нападите врз САД на 11-ти септември, тој бил уапсен во Баглан, Авганистан, од страна на борците на Северната Алијанса и предаден на американските власти. Хикс беше меѓу првите групи затвореници пренесени во затворот Гвантанамо на Куба.

Австралија во минатото беше обвинувана дека малку прави да помогне на еден од двајцата Австралијанци кои биле во Гвантанамо. Запрашан за отфрлање на осудата за Дејвид Хикс, премиерот Тони Абот изјави дека Австралија не треба да „биде загрижена за стара терористичка закана“, туку да се фокусира на она што е опасно во моментот.