Речиси половина од Македонија на удар од поплави

  • Синиша Станковиќ
Државната и локалната власт, со помош на АРМ, се обидуваат да ги намалат последиците

Денешниот претежно сончев ден барем накусо донесе олеснување за десетиците илјади граѓани на Македонија коишто со денови страхуваат за своите домови, имоти и добиток и жалат за уништениот род по земјоделските површини, како и стотиците лица - припадници на АРМ, на локалните власти и на полицијата - коишто под координација на Кризниот штаб, на Центарот за управување со кризи и останатите државни институции се обидуваат да им помогнат на настраданите.

Но, повисоките температури истовремено се најава и за нови проблеми, затоа што топењето на снегот, паралелно со прогнозите за поројни врнежи следните денови, не оставаат многу простор за оптимизам.

На полињата на Пелагонија

коишто се прекриени со вода - а Црна Река и понатаму се излева од коритото - денес дојдоа претседателот на државата Ѓорге Иванов и началникот на Генералштабот на АРМ Горанчо Котески. Иванов изјави дека припадниците на Армијата со поставување на вреќи со песок

се обидуваат да ги санираат состојбите, а според генералот Котевски, АРМ, којашто вклучи 700-тини војници и механизација за помош на настраданите, „го даде својот максимум и е подготвена да ги вложи сите капацитети во помош на граѓаните и локалните

самоуправи кои се погодени од поплавите“. Според него, два тима на воздухопловната бригада можат да интервенираат за евакуација на граѓаните доколку се укаже потреба.

Градоначалниците на Битола, Владимир Талевски и на Прилеп, Марјан Ристески, соопштија дека локалните власти се максимално ангажирани на отстранување на последиците, како и на поставување вреќи со песок на сите критични места, а Пелагонискиот кризен штаб на општините Битола, Могила и Новаци решил да затвори дел од коритото на реката Драгор, за да се се спречат нови поплави.

Во Демир Хисар се употребува целата расоположлива механизација, а во струмичко, според медиумите, под вода се домовите и земјоделските обработливи површини во селата Моноспитово и Бориево. Жителите од овие села изјавуваат дека сите засеани површини се под вода, дека нивите - ги нема. Таму на терен биле министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и заменик-министерот за економија Кристијан Делев, коишто апелирале и жителите на поплавените места да се вклучат во активностите на АРМ, за да се спречат поголеми штети.

Добра вест од поплавените подрачја е дека засега нема појава на заразни заболувања, иако во Штип, Пробиштип и Неготино, по препорака на центрите за јавно здравје, е забранета употребата на водата за пиење. Затоа, според специјалистот по хигиена од Институтот за јавно здравје, Михаил Кочубовски, граѓаните во поплавените подрачја се снабдуваат со спакувана вода,а се делат и летоци за населението со препораки - каква вода да се пие, како да се подготвува храна, како да се одржува личната и колективната хигиена. Според раководителот на Секторот за превентивна здравствена заштита, Јованка Костовска, за спречување на појава на потешки животно загрозувачки состојби, екипи од здравствените домови постојано ќе бидат на терен во поплавените подрачја и ќе го прегледуваат населението

Покрај бројните повици на социјалните мрежи за помош на настраданите подрачја, Црвениот крст на Република Македонија веќе организираше хуманитарна акција, потенцирајќи дека е потребна помош во вода за пиење и средства за хигиена и за дезинфекција, особено за населението во струмичко, во општината Чешиново-Облешево, и во штипско. Фирмите и граѓаните можат да донираат и парична помош на жиро-сметката на Фондот на солидарност или со вртење на броевите на хуманитарните телефони.