Јорданскиот министер за информации вели дека неговата влада е подготвена да размени затворен осомничен терорист за јордански пилот кого го држат милитантите на Исламската држава.
Мохамад ал-Момани ова го соопшти на националната телевизија во среда, додека се приближува рокот за можна егзекуција на заложниците.
Ал-Момани кажа дека доколку пилотот, поручникот Муат ал-Касеасбех, е ослободен неповреден, Јордан ќе ја испорача Сајида ал-Ришави, Ирачанка осудена за учество во терористички напад од 2005-та во кој беа убиени 60 лица во јорданскиот главен град Аман.
Ал-Момани не го спомена вториот заложник, јапонскиот новинар Кенџи Гото, за кого исто така има закана дека ќе биде погубен. Јапонија побара помош од Јордан да го обезбеди ослободувањето на Гото.