Царски рез,но чија одлука?

  • Соња Трајковска
По протоколот на македонското Министерството за здравство дека лекарот мора да има причина зошто се одлучил на вакво породување

Породувањето со хируршка интервенција, односно со царски рез во Македонија отсега ќе биде исклучиво одлука којашто ќе ја донесуваат гинеколозите, а не избор на родилките. Вакво упатство неодамна пристигна до државните и приватните болници врз основа на новиот Протокол од Министерството за здравство, според којшто лекарот мора да има причина зошто се одлучил на вакво породување и тоа да го образложи.

Никаде во светот не може жената да си побара царски рез и докторот да има обврска тоа да го направи. Тоа е како некој да дојде и да каже: Дајте ми некаква терапија, и докторот да мора да му ја даде, тоа секаде во светот е забрането, затоа што докторот одговара за терапијата или за интервенцијата што ја презема.
Никола Тодоров, министер за здравство на Република Македонија

Информацијата беше дочекана „на нож“ во јавноста. Жените беа особено гласни во изразувањето на незадоволство од одлуката – закон да одлучува како ќе го донесат на свет потомството. Но, за министерот за здравство Никола Тодоров, одлуката е донесена поради алармантно зголемениот број на на раѓања токму со царски рез. Тој се повика на податоците на Фондот за здравствено осигурување, според коишто во болницата во Охрид, во 2013 година, дури 50% од породувањата биле со хируршка интервенција, а и процентот на ниво на целата држава бил доста висок – од 20.463 раѓања лани, 6.350 биле со царски рез.

Како тргнало, ќе треба мајка ми и сопругот да одлучуваат за мене. Секоја жена има право да си одлучи како ќе раѓа. Што е ова? Не смее да одлучува за абортус, нема право да бира како да се породи. Нека и` го одземат и правото на глас и да се вратиме во среден век.
Роза (презимето не го соопштуваме по нејзино барање), во нашата анкета за царскиот рез

На коментарите во јавноста, дека по законското регулирање на абортусот, ова е уште едно ограничување на правото на личен избор, Тодоров одговори – ова не е некој закон, нема казни за непочитување, туку е протокол што важи секаде во светот.

„Нема ограничување на право, ниту такво нешто сме наложиле. Донесен е само протокол што е базиран на светски практики, на протоколи по медицина базирана на докази, односно кога треба да се прави царски рез, а кога не. Никаде во светот не може жената да си побара царски рез и докторот да има обврска тоа да го направи. Тоа е како некој да дојде и да каже: Дајте ми некаква терапија, и докторот да мора да му ја даде, тоа секаде во светот е забрането, затоа што докторот одговара за терапијата или за интервенцијата што ја презема“, кажа Тодоров.

Жената нека одлучи како ќе се породи, но царскиот нека биде последна опција.Тоа е операција, а процесот на опоравување е подолг и поболен.
Верица (презимето не го соопштуваме по нејзино барање), во нашата анкета за царскиот рез

Министерот презентираше податоци дека во Македонија има драстично зголемување на породувањата со царски рез – дури 29% од вкупниот број се на ваков начин, а во земјите од регионот, како Словенија и Хрватска, тој е за десет проценти помал. Токму од овие податоци, како што вели тој, биле зачудени и странски експерти, коишто негодувале, оценувајќи ги како куриозитет во Европа.

И додека за Тодоров упатството не е ништо ново, туку само потсетување на правилата, за дел од женската популација ова е уште едно ограничување на женските права, по законот за абортус.

Породувањето не е исполнување желби. Како ќе одлучат лекарите, така ќе биде. Како тоа мајката си бира датум и да оди предвреме на пораѓање, без да размисли на последиците и ризикот.
Антоанета (презимето не го соопштуваме по нејзино барање), во нашата анкета за царскиот рез

Уште малку, па жената нема да може за ништо во животот сама да си одлучува; мое тело, мое право; плаќам здравствено, социјално, пензиско и имам право да се пораѓам како сакам, па и кога сакам - се дел од ставовите во нашата анкета.

„Како тргнало, ќе треба мајка ми и сопругот да одлучуваат за мене. Секоја жена има право да си одлучи како ќе раѓа. Што е ова? Не смее да одлучува за абортус, нема право да бира како да се породи. Нека и` го одземат и правото на глас и да се вратиме во среден век“, вели Роза, која не сакаше да и` го објавиме презимето.

Има и такви кои, уште не влегле во ординација, велат: Сакам со царски. Друга, уште не останала бремена, а кажува како сака да се породи. Секако, тоа не е во ред. Има барања, ама ние одлучуваме дали може така.
Мендух Јегени, директор на Клиниката за гинекологија и акушество во Чаир

„Жената нека одлучи како ќе се породи, но царскиот нека биде последна опција.Тоа е операција, а процесот на опоравување е подолг и поболен“, смета Верица којашто ни го даде само името и којашто е поборник на спонтаното породување.

„Породувањето не е исполнување желби. Како ќе одлучат лекарите, така ќе биде. Како тоа мајката си бира датум и да оди предвреме на пораѓање, без да размисли на последиците и ризикот“, вели Антоанета, која исто така не сакаше да и` го објавиме презимето, а којашто пред 4 години се породила токму со царски рез.

За најголем дел од нашите соговорнички, проблемот не е во упатството, туку во тоа што со серија мерки се навлегува во лични и приватни работи. Некои од нив коментираат дека слично како и со абортусот, ќе се доведуваат во ризик животи, бидејќи лекарите ќе бидат уплашени од евентуални пријави ако не обезбедат согласност од конзилиуми дека жената исполнува услови за вакво породување.

Дел од лекарите уважуваат дека трендот на вакви пораѓања е зголемен, но исто така се сигурни дека тој може и да се намали.

„Има и такви кои, уште не влегле во ординација, велат: Сакам со царски. Друга, уште не останала бремена, а кажува како сака да се породи. Секако, тоа не е во ред. Има барања, ама ние одлучуваме дали може така“, коментира директорот на Клиниката за гинекологија и акушество во Чаир, Мендух Јегени, додавајќи дека медицината е децидна во кои случаи царскиот рез е единствено решение: постари родилки, близначка бременост, ХИВ-позитивни, но не и барањето на мајката.