Вработени во државната администрација, во јавните и локалните претпријатија, студенти, средношколци и основци, канцелариите и училниците ги заменија со парковите, ливадите и околните ридови. Сами или со мала помош ги затрупуваа младите брези, јавори, чемпреси и фиданките јасен и пруја во калливо или песокливо земјиште. Некои се веќе искусни, но за некои оваа е првпат да бидат дел од акцијата „Ден на дрвото“. Некои се мотивирани од тоа што денешниот ден, заради поголема масовност, во земјава е неработен ден. Други, пак се водени од еколошката свест.
Од 2008-та, кога започна оваа акција, досега, според првиот човек на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ засадени се околу 50 милиони садници. Годинава се засадуваат пет милиони.
„Тоа е само една промотивна акција за будење на свеста на граѓаните. И таа акција дава одлични резултати, особено кај најмладите кои од најрана возраст веќе разбираат што значи пошумување и екологија. Тие веќе и се грижат за тие дрва кои ги засадиле и по извесен период одат на тоа место за да видат до каде пораснало нивното дрво. Шумите во Европа не ги чува полиција, туку ги чуваат граѓаните со нивната свест. Ние мора да работиме на тоа и фокусирани сме на тоа“, вели Жарко Караџовски, директор на ЈП Македонски шуми.
За министерот за финансии Зоран Ставрески, акцијата за пошумување стана препознатлив симбол на нашата држава и од година во година добива се` пошироки размери. Тој во 2008-та, прв ја промовираше оваа акција, во колумна насловена како „Дрвото на нашето единство“. Тој и годинава најави дека Владата ќе продолжи да ја поддржува акцијата, која е финансирана од државниот буџет. Токму средствата што се трошат за ова пошумување се предмет на дебата меѓу поборниците и противниците на акцијата. Додека за едните, средствата од 10 до 12 милиони евра изминатите години се најдобро потрошени пари, за другите тие се „фрлени во ветер“, бидејќи пошумувањето се врши нестручно, дека не е возможно да се насадат неколку милиони садници во еден ден и дека понекогаш за тоа не се погодни ниту временските услови.
Меѓу оние кои денеска ја бојкотираа акцијата е и еколошкото здружение од Битола „За нас се работи“. „Лицемерно е од надлежните кои не се спротивставија на урбанистичкиот план и дозволија во касарната, белодробното крило на Битола, да се исечат сите дрвја, сега да повикуваат на садење нови“, велаат тие и најавуваат протести против загадениот воздух во овој град.
„Власта ги задолжи граѓаните со огромни суми пари за активност од којашто не само што нема ефекти, според достапните информации, туку шумскиот фонд дури се намалува“, реагираа денеска од опозицискиот СДСМ.
„Според официјални податоци од Државниот завод за статистика, за четири години, откако почнала акцијата „Ден на дрво“, шумскиот фонд наместо да се зголеми, се намалил за неверојатни 50 проценти. Од пошумени над 2.800 хектари во 2008 година, кога почна акцијата – во 2012 година пошумената површина се намалила на нецели 1400 хектари. А овој „Ден на дрво“ досега однел околу четири милиони евра на граѓаните на Република Македонија. И тоа само според пресметки од достапните податоци“, изјави денеска на прес конференција, Пеце Мирчески, претседател на Комисија за животна средина и просторно планирање на СДСМ.
Дали Македонија е позелена од Швајцарија, прашува и професорот по политички науки Јове Кекековски, кој преку социјалните мрежи отвори нова дебата за денешната акција.
„Манифестацијата Ден на дрвото започнала во 2008-ма година и досега се засадени околу педесет милиони дрвца. Значи, ако Македонија има 25.713 квадратни километри територија и ако се засадени 50 милони дрвца, тоа значи дека на секој квадратен километар имаме засадено по 1.945 дрвца. Ако ми е математиката точна и доколку од вкупната површина се изземе квадратурата на изградените површини (згради, куќи, патишта, тротораи и друга инфраструктура) тоа значи дека Македонија треба да биде позелена и од Швајцарија..“, пишува професорот Кекеновски.
Изминатите години, акцијата се спроведуваше под мотото „Засади ја својата иднина“, а годинава тоа е „Стоп за катастрофите“.